УО на ФФМ: Ти благодариме Милевски! Време е за нoв импулс и свежа енергија

158

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да не го продолжи договорот со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски, чиј мандат истече на 30 ноември 2025 година, а во работата на најважните две репрезентации на Македонија беше вклучен од 2014 година.

Во својот мандат на клупата на најдобрата македонска репрезентација, од 1. август 2021 година, Милевски ја предводеше Македонија на 48 натпревари. Под негово водство, репрезентацијата забележа 18 победи, 14 нерешени и 16 порази. Во овој период, Македонија успеа да избори два бараж дуели за пласман на Светско првенство, заврши како првопласирана во Ц сегментот од Лигата на нации и обезбеди настап во Б дивизијата во следното издание на натпреварувањето.

Фудбалската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до селекторот Благоја Милевски и неговиот стручен штаб за посветената работа, професионалната соработка и постигнатите резултати. Му посакуваме многу успех во понатамошната тренерска кариера.

Управниот одбор на ФФМ смета дека на македонската А репрезентација ѝ е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици што ја очекуваат нашата национална селекција. Веруваме дека со нов стручeн тим ќе се внесе „нов ветер“ во работата на тимот, кој ќе овозможи уште поголема конкурентност и амбиција во натпреварите на Македонија.

ФФМ останува целосно посветена на создавање најдобри можни услови за работа, како и на обезбедување максимална поддршка за репрезентацијата. Досегашната соработка со стручниот штаб предводен од Милевски беше на високо професионално ниво и ја цениме нивната посветеност и односот кон репрезентацијата. Остануваме подготвени со истата посветеност, да ги поддржиме идните планови и предизвици на македонската А репрезентација.

Управниот одбор на ФФМ најдоцна до 25. декември 2025 година ќе донесе одлука за назначување на нов предводник на А репрезентацијата на Македонија.

ПретходноПартизан го договорил наследникот на Обрадовиќ?
СледноПолувреме: Тамба “тресе“ за водство на Шкендија! (ВИДЕО)