Милевски е историја: Ќе го паметиме по “Чудото од Палермо“, двата баражи за СП, најдолга серија без пораз!

2

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Очекувано, барем според сите најави. Благоја Милевски од денеска и официјално не е веќе селектор на А-репрезентацијата на Македонија. Денеска УО на ФФМ одлучи да не му го продолжи договорот кој вчера му истече. Ова значи дека во баражот во март селекцијата на Македонија ќе оди по пласман на Мундијалот со нов селектор. Од ФФМ велат дека за брзо време наследникот на Милевски ќе биде познат.

Од 1 август 2021 до 30 ноември 2025 година, Сер Боби беше предводникот на “националите“.

На 48 меча забележа 18 победи, 14 беше нерешено и под негово водство Македонија претрпе 16 порази со гол разлика 64:62.

Милевски го наследи Игор Ангеловски и речиси 4,5 години беше селектор на А-репрезентацијата.

Кога по извесно време ќе се сеќаваме на него, секако во преден план ќе биде „Чудото од Палермо, кога со голот на Трајковски ја победивме Италија во полуфиналето од плеј – офот или баражот за пласман на СП 2022 во Катар. Секако ќе се памети и по најдолгата серија без пораз, цели две години, пласманот во Лигата Б во Лигата на Нации, преку која дојдовме и до вториот бараж за пласман на СП. Ќе се памети и по двете “седмици“ на Островот, оние катастрофални порази од Англија со 7:0 на “Олд Трафорд“ и од Велс со 7:1 во Кардиф.

Можеби некој очекуваше, посакуваше, Милевски да ја заврши својата мисија во март, со тој бараж за пласман на СП 2026, но тоа нема да се случи. Со Милевски имавме и неколку одлични изданија, како оние ремија со Италија и Англија дома.

Милевски ќе биде запаметен и како најнеомилениот селектор во нашата историја. Се чини дека и да беше светски првак, најголем дел од јавноста немаше да ја задоволи. Секако дека за тоа беше и самиот виновен, едноставно не сакаше посебен ПР третман. Сметаше дека резултатите се доволни да биде ценет и респектиран. Но во Македонија, во модерниот свет не е така.

Ќе го паметиме дека некогаш беше тврдоглав и кога одеше на своја штета. Ќе го паметиме и по недоразбирањето со капитенот Стефан Ристовски, и по многу други работи.

Секако дека Милевски има свои мани и свои добри страни, но оние 7:1 во Кардиф се чини дека му пресудија. Тоа не смееше да го дозволи, никако, по никоја цена.

Милевски има свои заслуги и како поранешен селектор на У-21 година со која отствари пласман на ЕП за младинци во 2017 година во Полска, тоа никој не може и не смее да му го оспори.

Јавноста пред една година сметаше дека новото раководство на ФФМ на чело со претседателот Масар Омерагиќ ќе го смени селекторот, но тоа не се случи. Му беше дадена шанса да го заврши својот втор мандат и беше јавно кажано дека само резултатите ќе бидат мерило дали натаму ќе остане или не селектор.

Има што уште многу да се кажува, прераскажува, анализира, детализира, но една е сигурно.

Факт е дека Сер Боби сега веќе е историја. Заврши ерата на Благоја Милевски.

ПретходноГаздата на Шкендија на дружба со регионалните фудбалски лидери