Напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, верува дека неговиот тим не се покажа најдобро во победата од 5-4 на гости против Фулам. „Граѓаните“ остварија драматична победа, а Норвежанецот го отвори резултатот во 17-тата минута. Тоа беше неговиот 100-ти гол во англиската Премиер-лига, тој до ова остварување дојде побрзо од било кој друг во историјата во ова натпреварување.
„Мислам дека луѓето што гледаа дома уживаа во натпреварот. Беше луд натпревар, девет гола се многу. На крајот победивме и среќни сме, но тоа не беше нашата најдобра победа“, изјави Халанд за „Скај Спортс“.
„Да се постигне 100 гола во Премиер-лигата е фантастично и навистина сум горд. Секако дека е огромно достигнување, убаво е да се биде во клубот на 100. Знаев за тоа и се обидував да стигнам до таа точка. Се обидувам да му помогнам на тимот да постигнува голови, тоа е мојата работа“, рече Халанд.
Тој вели дека неговата задача е да игра добро за Сити, бидејќи сите очекуваат од него да постигнува голови.
„Како напаѓач на Манчестер Сити, мора да играте добро. Тоа е моја работа и луѓето мора да ме критикуваат ако не го направам тоа, што обично се случува. Морам да си ја работам работата“, коментираше напаѓачот и додаде:
„Разликата со Арсенал? Тие дојдоа тука и победија. Фулам е одличен тим, но не треба премногу да размислуваме за Арсенал. Мора да се фокусираме на себе. Денес не бевме доволно добри и го знаеме тоа. Мора да се подобриме како тим и ќе го направиме тоа“, заклучи Халанд.










