Репрезентацијата на Македонија до 20 години, предводена од селекторот Александар Таневски, денеска од 18:30 часот против Лихтенштајн ќе го одигра својот прв контролен натпревар. Мечот е закажан на гостински терен, во Шан, Лихтенштајн. Нашиот предводник смета дека тимот е мотивиран и има желба да се претстави во одлично издание на мечот во Лихтанштајн.
„Пред нас е првиот натпревар на репрезентацијата до 20 години против Лихтенштајн до 21 година. Деновиве работевме концентрирано и со јасна идеја да поставиме квалитетен темел во нашата игра. Тимот е млад, мотивиран и има силна желба достоинствено да се претстави. Го почитуваме противникот, но нашиот фокус е на сопствената игра, дисциплина и колективна работа. Верувам во момците и во нивната способност да одиграат организирано на терен..
Исто така, сакам да изразам голема благодарност до Фудбалската федерација на Македонија за целосната поддршка и условите што ни ги обезбеди. Кога работиме во професионална и стабилна атмосфера, можеме да растеме и како поединци и како тим. Убеден сум дека ќе го дадеме максимумот и дека ќе ја претставиме Македонија на вистински начин.“ истакна Таневски.










