Барселона подготвува спектакл за Лионел Меси пред 100.000 фанови

58
Фото: Интер Мајами Х

Барселона повторно зазеде цврст став околу можниот кам-бек на Лионел Меси, порачувајќи дека нема да „поттикнува контроверзии или шпекулации“ на таа тема. Иако каталонскиот гигант и натаму планира да му приреди „најубава можна почест“ на својот најдобар стрелец во историјата, фактот дека Аргентинецот има важечки договор со Интер Мајами во МЛС ја прави речиси невозможна идејата за негово враќање во Европа, пишува Goal.com.

Меси ја напушти Барселона во 2021 година откако клубот финансиски не можеше да го задржи, што доведе до емотивно простување. По две сезони во Пари Сен Жермен, кариерата ја продолжи во САД. Таму, заедно со сопругата Антонела и нивните три сина, се сместија на Флорида, а богатиот договор со Интер Мајами неодамна беше продолжен до 2028 година.

И покрај тоа, постојано се појавуваат гласини за можен повраток на Камп Ноу, барем како позајмица во текот на паузата во МЛС – идеја што би му помогнала да остане во врвна форма пред Светското првенство 2026, каде со Аргентина ќе го брани светското злато.

Барса, сепак, сериозно размислува за спектакуларна почест.

„Почеста треба да се одржи во момент кога можеме да му се заблагодариме за сè што направи за клубот. Почест пред исполнет Камп Ноу, со 105.000 навивачи кои му аплаудираат, би била прекрасна работа“, додаде Лапорта.

Тој спомена и идеја за подигање статуа во негова чест: „Размислувавме да му оддадеме најубава почест – статуа покрај легендите. Кубала, Кројф, Меси, Роналдињо… Лео ја дефинираше една ера.“

Сам Меси неодамна ја разгори приказната по ненадејната посета на Камп Ноу, по што објави емотивна порака.

Аргентинецот потоа потврди дека со Антонела планираат повторно да живеат во Барселона, но тоа, според спортскиот директор Деко, нема да вклучи и враќање на теренот.

Меси за Барселона одигра 778 натпревари и постигна неверојатни 672 гола. Освои 10 титули во Ла Лига и четири во Лигата на шампионите, вечно запишувајќи се како една од најголемите фудбалски легенди.

Со осум Златни топки е најтрофејниот фудбалер во историјата, а веќе во сабота ќе има шанса за нов трофеј – неговиот Интер Мајами игра финале на МЛС Купот против Ванкувер.

ПретходноПолувреме: Доминација на Вардар во Ѓорче, ама нема голови, Струга ТЛ со водство во Кавадарци!
СледноТухел за СП 2026 има подготвено необична тактика која изненади многумина