Едно од најчесто поставуваните прашања пред Мундијалот следната година е дали и кога Лео Меси и Кристијано Роналдо би можеле да ги гледаме повторно на мундијалската сцена и тоа еден против друг.
По денеска објавениот распоред на натпревари има неколку сценарија кога Аргентина и Португалија би можеле да се сретнат во меѓусебна пресметка. На хартија, Аргентина треба да ја освои Групата Ј, а Португалија да ја освои Групата К. Ако е тоа случај, тогаш најрано дуел Меси – Роналдо може да очекуваме во четвртфиналето. Тој меч меѓу Меси и Роналдо би се одиграл на 11 јули во Канзас Сити.
Сепак, дуел меѓу овие две најголеми ѕвезди на светскиот фудбал во последната деценија, би можеле да видиме и порано. Доколку Аргентина и Португалија завршат втори во групната фаза, тогаш тие би се сретнале во осминафиналето.
Работите стануваат покомплицирани ако Аргентина ја освои првата позиција во групата, а Португалија заврши втора – или обратно. Доколку Меси и компанија го освојат првото место, а Португалија заврши втора, тогаш двата ривали не ќе може да се сретнат се до финалето, затоа што ќе се префрлат на спротивните страни од костурот на ждрепката. Истото важи и доколку Аргентина заврши втора, а Португалија ја освои групата.
Доколку едната или двете селекции продолжат понатаму како една од осумте најдобро третопласирани селекции, тогаш станува невозможно да се предвиди кога ќе се соочат Меси и Роналдо.










