Официјално: Седлоски е новиот селектор на А-репрезентацијата на Македонија!

189

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската А репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски.

Членовите на највисокото тело на ФФМ, одлуката за избор на нов селектор на македонската А репрезентација ја донесоа по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ.

Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна 8 голови за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата.

Седлоски има и претходно искуство во стручниот штаб на националниот тим. Во август 2012 година ја водеше македонската А репрезентација како в.д. селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје (1:0).

Во својата тренерска кариера, Гоце Седлоски работеше како асистент и в.д. селектор на Македонија, а на клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Летонија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички.

Во досегашната тренерска кариера, Седлоски освои три шампионски титули, со ФК Вардар во сезоните 2015/16 и 2016/17, со ФК Шкупи во сезоната 2021/22, како и Куп титула со ФК Вардар во сезоната 2024/25.

Како фудбалер, имаше богата кариера настапувајќи за повеќе клубови во Македонија и странство. Своите професионални чекори ги започна во Братство Горно Коњари и Питу Гули Крушево, по што настапуваше за Победа Прилеп, каде го привлече вниманието со своите настапи. Кариерата ја продолжи во Хајдук Сплит и Динамо Загреб во Хрватска. Седлоски, воедно е прв странец кој ја носел капитенската лента на Динамо Загреб. Потоа настапуваше за Шефилд Венздеј во Англија. Интернационалното искуство го надополни со настапи во Вегалта Сендаи (Јапонија), Дијарбакирспор (Турција) и Матерсбург (Австрија), градејќи респектабилна фудбалска кариера.

Фудбалската федерација на Македонија верува дека искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Гоце Седлоски ќе придонесат за стабилност, континуитет и напредок на националниот тим во претстојниот период.

Официјалната промоција на Гоце Седлоски за селектор на македонската А репрезентација е закажана за утре (вторник), со почеток во 11:30 часот, во хотел „Хилтон“ во Скопје.

ПретходноКатастрофа за Ливерпул: Исак има скршеница на ногата?!
СледноЌосевски потпиша за ГРК Охрид! (ФОТО)