Голден Стејт изминатата вечер го совлада Орландо пред своите навивачи (120:97), но речиси ниту еден кошаркарски потег од НБА-натпреварот нема да остане во сеќавање. Причината е моментот кој засени сè – кога тренерот Стив Кер јавно му одржа „лекција“ на својот играч Дрејмонд Грин, по што кошаркарот замина кон соблекувалната.
Се виде дека Кер и Грин влегоа во расправија околу нешто, која траеше речиси целиот тајм-аут. По тоа, Грин стана од столчето и се упати кон соблекувалната, а подоцна објасни дека тоа била негова одлука.
Draymond Green & Steve Kerr exchange words.
(via @shubhydoo)
— Hoop Central (@TheHoopCentral) December 23, 2025
„Да, очигледно се закачивме“, изјави Стив Кер за својот кошаркар, кој не настапи во последните 20 минути – период во кој Голден Стејт направи и најголема разлика.
„Малку ги расчистивме работите и Грин донесе одлука да се врати во соблекувалната за да се смири. Тоа е сè што ќе кажам за тоа. Останатото е меѓу нас и, секако, немаше да го вратам во игра.“
За ситуацијата од натпреварот се огласи и самиот Дрејмонд Грин, убедувајќи дека не било толку драматично како што изгледало, додавајќи дека едноставно се скарале „околу кошарката“.
„Страстите се разгореа. Мислев дека е најдобро да се тргнам од таму. Не мислам дека постоеше ситуација во која тоа можеше да се смири или поправи. Затоа беше најдобро сам да се оддалечам… С*ња се случуваат. Продолжуваме понатаму. Сè е во ред“, додаде еден од најважните играчи на Голден Стејт.
Оваа сезона Дрејмонд Грин во просек бележи 8,1 поен, 6,1 скок и 5,1 асистенција по натпревар.










