Васе за нас си беше најдоброто лево крило од “СЕНКА“…

151
ФОТО: Фудбалска Репрезентација на Македонија/FB

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Секогаш лошите, ужасните вести доаѓаат кога си неспремен, кога си неподготвен. Те „фаќаат“ во моменти на некои други мисли со кои се “расправаш“.

Еве и доцна попладнево се потврди тоа кога некоја вест те ужаснува.

Си ЗАМИНА Васе Рингов…

На 70 години си замина една од најголемите наши фудбалски легенди. Си замина фудбалскиот шмекер, во чие друштво немаше човек или фудбалски фан да не се чуствува фудбалски голем, како што тоа беше Васе.

Струмичанецот стана Скопјанец, но никогаш не заборави да каже дека е МАКЕДОНЕЦ.

Како тинејџер, за мене Васе беше фудбалерчиште, ѕвездата која ние во Македонија ја имавме, со кого се гордеевме уште кога играше за Тетекс. А кога дојде во Вардар, е тогаш знаевме дека го имаме најдоброто лево крило во бившата земја.

Да не говориме потоа за тандемот Рингов – Панчев. Мора да признае Дарко дека токму Васе од него направи пеколен центарфор, веројатно еден од најдобрите во историјата на овие простори.

Вардар со Рингов беше некоја посебна димензија, токму Васе недостигаше за да македонската гордост се вивне кон врвот на некогашниот југословенски фудбал. Васе беше тоа камче од мозаикот што недостигаше.

И Васе за нас беше херојот…

А зошто најдоброто лево крило од “СЕНКА“?

Па фановите се шегуваа дека на Васе не му се трча на сонце, па чекаше да фати сенката на Градски на таа лева страна за да почне да игра.

А и зошто да трча еден таков фудбалски велемајстор? Имаше други “водоноши“, негово беше само да ги излудува противничките бекови.

Имаше понуди од сите екипи од “големата четворка“, ама го одбра Динамо Загреб, и не сакаше да признае дека погреши. А враќањето во неговиот Вардар беше најдобар доказ за тоа.

Во времето на Ковидот, направивме интервју со него. Среќен, радосен, веројатно два часа си кажавме што мислиме за фудбалот.

И тогаш ни кажа дека има играно за ПСЖ.

Последен пат се видовме на пазарче во Ѓорче пред повеќе од една година, не паметам добро. Иако и тогаш не беше добар, но се насмеа како само тој знае, кажа неколку зборови по кои се насмеавме, се разбира дека тогаш на Вардар не му одеше, на неговото лице видов една загриженост и тага, но насмевката му беше во преден план.

И попладнево кога слушнав дека Васе веќе го нема, веднаш се присетив на нашето последно видување во Ѓорче.

Така е тоа.

Секоја чест за останатите легенди, но Васе бил и засекогаш ќе биде нешто посебно затоа што тој пред се беше голем човек а потоа и голем фудбалер.

Да, уште еднаш.

За нас Македонците, Васе беше најдоброто лево крило во негово време во тогашна Југославија.

ПретходноФерари си има проблем: Договорот со Хамилтон бил до крајот на 2028, а платата е 55 милиони евра годишно!
СледноВан де Вен му се извини на Исак за повредата