Некој ќе “дува на јогурт”, прашањето е кој!?

641

Про-лиценцата на Игор Ангеловски не е повеќе затворена тема, напротив, конечно се отвора прашањето кое со години се избегнуваше. Дали е стекната со почитување на правилата или со заобиколување на процедурите? Клучниот официјален документ што се појави во јавноста, потврдата од ФК Работнички дека Ангеловски имал А лиценца уште во 2011, директно паѓа во вода пред официјалните податоци.

А-лиценцата ја добил дури во 2014. Тоа значи само едно, целосно се руши условот што е основа на системот, а тоа е една година активна работа со А лиценца пред да се влезе на Про курс. Ако ревизијата, која самиот ја побара, официјално утврди дека било играно со датумите, документите и условите, последицата е јасна.

Про-лиценцата може да му биде одземена.

Нема повеќе скривање зад „така било, така требало“. Овојпат, картите се на маса, по негово барање.

Иронијата?

Додека Ангеловски фрла обвиненија дека Седлоски „до јуни ќе биде и селектор и тренер“, фудбалската јавност добро памети. Во 2015 година токму Ангеловски беше и селектор и тренер на Работнички во исто време. Тогаш беше нормално? Денес е скандал? Затоа е тешко да не се извлече заклучокот.

Некој почнува да дува на јогурт, затоа што знае што имал во лажицата пред осум години. А, начинот на кој безобразно му се обрати на претседателот на ФФМ, Омерагиќ само го зацврстува впечатокот. Кога се крева врева за „правилата“, прво треба да се погледне сопствениот досие.

Дополнително, Ангеловски јавно тврди дека „полагал за Про-лиценца во Нион“. Но, има една проста вистина што секој што барем површно ја познава лиценцната структура ја знае. Во Нион не се полага за Про-лиценца. Таму се одржуваат состаноци, семинари, координации, никако испити. Про-лиценцата се стекнува преку официјален национален курс со јасни протоколи, часови, испитни фази и задолжителна пракса. Затоа ова тврдење не само што е погрешно, туку отвора уште едно прашање.

Зошто некој би посегнал по невистина ако документите и процесите му се чисти? Ако ревизијата докаже дека документите и датумите не се совпаѓаат со пропишаните правила, тогаш одговорност нема да се бара само од оној што ја користел дупката во системот, во овој случај Ангеловски, туку и од сите што ја направиле и ја дозволиле. Не станува збор само за лична корист, туку за нарушување на интегритетот на највисоката лиценца и за фактот дека селекторската функција била извршувана без правовремено стекната квалификација.

Во такво сценарио, враќањето на часовникот наназад не е прашање на избор, туку на обврска. Ќе се лоцираат одговорните, ќе се именуваат пропустите, а последиците ќе ги почувствуваат и извршителите и потпишувачите.

Затоа и крајниот исход делува неизбежен.

Некој ќе дува на јогурт, не од навика, туку затоа што конечно ќе сфати колку жешко станува кога вистината доаѓа на ред.

ПретходноАбрамович во нов обид да го заштити својот капитал од продажбата на Челзи
СледноТриумф на Сити кај Нотингем (ВИДЕО)