Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ ги објавува резултатите од Аналитичкиот извештај за јавна перцепција 2025, изработен врз основа на независно истражување на јавното мислење, кое не е нарачано од ФФМ, а е спроведено од агенцијата „Фјучар Инвест“ согласно европските стандарди за спортска аналитика и принципите на UEFA Good Governance Framework.
Истражувањето е реализирано на репрезентативен примерок од 1.563 испитаници, преку телефонски и онлајн интервјуа, со целосна географска покриеност на Република Македонија, во периодот од 15 ноември до 5 декември 2025 година. Анализата обезбедува мерливи, валидни и објективни податоци за ставовите на јавноста за состојбите во македонскиот фудбал, довербата во институцијата, перцепцијата за раководството, селекциите и очекувањата за развојот до 2026 година.
Висока доверба во ФФМ
Резултатите покажуваат дека 78% од испитаниците имаат висока или многу висока доверба во ФФМ, што претставува исклучително позитивен показател во контекст на јавните институции. Дополнителни 12% се со неутрален став, додека само 10% изразуваат ниско ниво на доверба. Овие податоци потврдуваат стабилен институционален кредибилитет и широка јавна поддршка.
Транспарентност и отчетност
ФФМ е високо оценета во доменот на добро управување:
– 80% сметаат дека ФФМ постапува отчетно и одговорно
– 62% од испитаниците сметаат дека Федерацијата комуницира транспарентно
– 75% ја оценуваат транспарентноста како целосна или делумна
Негативните оценки во овој сегмент се движат меѓу 6 и 8%, што е значително под европскиот просек.
Перцепција за претседателот Масар Омерагиќ
Јавната поддршка за претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, е исклучително висока:
– 89% ја оценуваат неговата работа како добра или многу добра
– 57% ја оценуваат лидерската способност како многу висока
– 52% сметаат дека обезбедува многу стабилно управување
Негативните оценки се под 2%, што укажува на силен легитимитет и стабилност во раководењето – еден од клучните индикатори на УЕФА.
Интегритет и фер-игра
Истражувањето покажува исклучително позитивна перцепција за регуларноста и интегритетот:
– 86% сметаат дека ФФМ ги почитува принципите на фер-игра
– 76% веруваат дека натпреварите се секогаш или често регуларни
– Само 3% имаат негативна перцепција
Овие резултати ја позиционираат Македонија над регионалниот просек во овој сегмент.
Селектор и младински систем
Перцепцијата за тогашниот селектор е поделена, што укажува на висок јавен интерес и очекувања:
– 39% позитивни оценки
– 19% неутрални
– 42% негативни
Истовремено, 50% од испитаниците се задоволни од развојот на младинските категории, а 76% сметаат дека ФФМ инвестира во развојниот фудбал, што претставува силна основа за идни програми и реформи.
Домашна лига и клубови
– 60% позитивно го оценуваат квалитетот на домашната лига
– 40% позитивно ги оценуваат клубовите, со доминација на неутрални ставови
Овие резултати ја нагласуваат потребата од понатамошни инвестиции во инфраструктура, младински школи и професионализација.
Очекувања за 2026 година
Јавноста покажува умерен оптимизам:
– 48% очекуваат напредок
-34% очекуваат континуитет
– 18% предвидуваат пад
Јасна поддршка за стратешкиот правец
Во однос на долгорочните политики:
– 71% веруваат дека тековните политики водат кон напредок
– 75% се задоволни од стратешкиот правец
– 87% би ја поддржале ФФМ и во наредните 12 месеци
Истражувањето потврдува дека ФФМ ужива висока доверба, стабилна јавна поддршка и позитивна перцепција во клучните сегменти на управување, интегритет и визија. Овие наоди претставуваат цврста основа за понатамошен развој на македонскиот фудбал, унапредување на институционалните процеси и зајакнување на меѓународниот кредибилитет на Федерацијата.










