Миовски: Неправдите во Џирона ме направија посилен, верувам во нова енергија и визија на Седлоски

3487

Огнен Чак Дојчиновски

Кога Бојан Миовски минатата година стана дел од тимот на Џирона во големиот трансфер од тимот на Абердин во сите бевме убедени дека тоа е преселбата на неговата кариера. Најавен како засилување за Лигата на Шампионите, нашиот прв напаѓач, пристигна во Шпанија со огромни очекувања. И тој самиот од себе, но и јавноста таму која што од Џирона очекуваше на меѓународна сцена да го повтори успехот кој што го имаше во Примера.

Сепак, животот не секогаш ни носи она што го замислуваме, посакуваме, и не секогаш ни „сервира“ две „убави порции“ одеднаш. Миовски не ги гочека своите „пет минути во Џирона“. Едноставно не „кликна“ со се што се случуваше таму.
Па така, 365 дена по големо интервју за добредојде во Шпанија, Спортспорт со Миовски прави „кам бек“ интервју во Шкотска.

„Навистина беше интензивна и емотивна година, за мене, полна со предизвици. Периодот во Џирона ми донесе големо искуство и ме збогати како фудбалер и како човек. Имаше моменти кои не беа лесни, но тие ме направија посилен. Враќањето во Шкотска ми помогна повторно да ја пронајдам стабилноста и самодовербата, и денес се чувствувам помотивиран од било кога“ – вели првиот напаѓач на репрезентацијата на Македонија и во моментов член на тимот на Глазгов Ренџерс.

Енергијата во Ренџерс е неверојатна

Тоа е пак сосема друга приказна. Да се биде дел од нешто што носи во себе векови традиција, спортска, општествена, религиозна, е многу повеќе од само фудбал. Ренџерс во Шкотска е нешто повеќе од фудбалски клуб.

„Да се биде дел од Ренџерс е огромна чест и одговорност. Тоа е клуб со богата историја и силна традиција. Притисокот е секојдневен, но токму тој притисок те тера да растеш. Поддршката од навивачите и атмосферата на Ајброкс се нешто што ретко се доживува во модерниот фудбал. Во соблекувалната владее професионализам и победнички дух“ – вели Миовски на прашањето како е да си дел од еден од најголемите клубови на светот, не само на „Островот“.

Секој нов почеток е добар, верувам во енергијата на Гоце Седлоски

Од друга страна пак, на клупски план можеби за Миовски оваа измината 2025 година може да се нарече проблематична но онаа репрезентативната може да се означи како изклучително успешна. Македонија има бараж за Мундијалот во рацете но и нов селектор во името на Гоце Седлоски кој што ќе не предводи во него.

фото: rossco1972. (X)

„Секој нов селектор значи нов почеток. Верувам дека носи јасна визија и свежа енергија. Нашата обврска како репрезентативци е целосно да се ставиме во функција на тимот, да работиме дисциплинирано и да одговориме на неговите барања. Само со заедништво и јасна цел можеме да напредуваме“ – вели Бојан Миовски.

Имаме искуство во бараж дуелите, Данска е нова можност за наш историски успех

Конечно, тој бараж дуел кој што ни претстои во Данска во март може да ни донесе многу. Како нација, како репрезентација, како генерација на играчи кои што подолг период го носат националниот дрес.

„Бараж натпреварите секогаш носат посебна тежина и емоција. Данска е сериозен противник, но верувам во нашите квалитети. Дуeлот со Италија ни покажа дека кога сме организирани, трпеливи и со силна верба, можеме да бидеме рамноправни со најдобрите. Тоа искуство треба да ни биде мотивација и доказ дека шансата постои“ – ни рече Миовски.

 

ПретходноНејмар – сè ќе направи за Светското првенство
СледноГодина за паметење: Големо БРАВО за ЕВРОПСКА Шкендија!