Муарем: Пред нас е тешка мисија, но Работнички не се предава!

401
ФОТО: ФК Работнички/FB

Муарем Муарем е четвртиот тренер на Работнички оваа сезона. По Бојан Маркоски, Алпарслан Ердем и Ален Тупајиќ, некогашниот стратег на Гостивар и Башкими пред новогодинешните празници беше промовиран како шеф на струката на клубот од Дебар Маало.

Познато е дека некогашниот гигант имаше катастрофална есенска полусезона, освоени се само седум бодови, заврши како претпоследен на табелата во ПМФЛ и ќе биде многу тешко, ќе му треба чудо на Работнички да се спаси од испаѓање.

За “СпортСпорт“ свој коментар има токму Муарем:

Значи многу добро знам каде дојдов, јас сум некогашен фудбалер на Работнички. Секако дека пред нас е тешка мисија, но верувам дека можеме да избориме опстанок. Најважно е сите во клубот да веруваме дека можеме и со таква мисла да го почнеме пролетниот дел. А дека ќе биде тешко, тоа е јасно, но мораме уште од првиот меч со Пелистер во Битола да тргнеме силно. За нас секој меч ќе биде финале. Ќе одиме на победа на сите натпреври без разлика кој ќе биде противникот, на крајот ќе видиме што сме направиле“ вели младиот стратег.

Работнички стартот на подготовките ги закажа на 8 јануари:

Да, на 8 јануари во 11 часот е закажан собирот, а ќе го одработиме и првиот тренинг. Инаку планирано е да се оди во Хрватска или Турција, ќе видиме за ден-два што ќе одлучиме“ посочи Муарем.

Јасно е дека на Работнички му се неопходни повеќе квалитетни засилувања:

Тука нема дилеми. Во преговори сме со повеќе евентуални засилувања, сакаме да донесеме квалитет на секоја позиција, најмалку 6-7 квалитетни засилувања ни се потребни. Имаше разговори со Шкендија за кај нас да дојде Флорент Рамадани, но сепак тетовци не планираат да го пуштат него“ заврши Муарем Муарем.

ПретходноКонечно малку насмевки во Фиренца!
СледноРодриго го информирал Реал Мадрид дека сака да си оди!