Данска, првиот противник на македонската репрезентација на Европското првенство ќе се обиде да се врати на тронот после 14 години пауза. Оваа селекција игра на домашен терен, пред 15.000 гледачи, што пак ќе биде мотив плус.
На денешната средба со новинарите, селекторот Николај Јакобсен ги искажа своите очекувања за првиот меч против Македонија, како и за целиот шампионат.
„Првиот натпревар секогаш е малку чуден, затоа што мораш да влезеш во турнирот. Но сега имаме искуство, а 15.000 дански навивачи ќе ни помогнат многу.
Тие имаат млад тим. Ние сме големи фаворити, го знаеме тоа, но првиот натпревар секогаш е посебен. Знаеме што треба да направиме – мораме да победиме девет натпревари, а првиот почнува во петок.
Имаме голема самодоверба и знаеме дека ако играме навистина добро, тешко нè победуваат.“
За враќањето во Хернинг на уште едно големо првенство:
„Се чувствуваме одлично. Ова е неверојатно место за нас како ракометари. Тука го освоивме нашето прво Светско првенство во 2019 година, а игравме и минатата година (на СП 2025) – шест натпревари кои исто така беа неверојатни. Како малку да се враќаш дома.“
Што се однесува до притисокот како фаворити тој рече:
„Сите играчи се многу млади. Само медиумите размислуваат за златото на ЕП. Само Расмус Лауге беше дел од тимот во 2012 година – сите други се многу млади, па не мислам дека тие размислуваат за тоа.“










