✍ Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација ги прави последните подготовки пред стартот на Европското првенство. Континенталното натпреварување почнува денеска, но „црвено-жолтите“ првиот меч го играат утре против Данска во Хернинг. Покрај оваа селекција противници ќе бидат уште Португалија и Романија.
Селекторот, Кирил Лазаров за кого ова е петто големо натпреварување како предводник на нашиот најдобар национален тим, за СпортСпорт направи анализа на подготвителниот период, очекувањата од тешките битки кои ги чекаат во Хернинг, како и патот по кој се движи новата генерација.
🤾♂️Колку си задоволен од она што го сработивте во изминатиот период? Одигравме пет пријателски меча, имаме серија од четири меча без пораз.
„Задоволен сум од тоаа како поминаа подготовките, со исклучок на ситни детали што е нормално да се случуваат во еден спортски колектив. Момците работеа напорно и беа многу посветени на задачите што им ги даваше стручниот штаб. Од пријателските натпревари сум делумно задоволен знаејќи дека можеме и поквалитетно во одредени сегменти на нашата игра. Тоа веќе го разговаравме и анализиравме со играчите “.
🤾♂️Не чека пеколна група на Европското првенство, прв противник е селекцијата на Данска. Знаеме дека треба да се биде перфектен против еден ваков тим. Што ќе бараш од играчите на оваа средба, сигурно за еден млад тим предизвикот е голем?
„Не сум воопшто оптеретен со натпреварот против Данска. Нема потреба да трошиме зборови за нивниот тим и да ги повторуваме истите работи. Насоката за тој натпревар е дадена – како треба да изгледаме. Ние сме сигурни дека ќе биде испочитувано во голем процент од нашите играчи. Многу подобри селекции од нашата не се изнаиграле против Данска, а поготово НЕ на нивни терен. Ние треба да бидеме мирни и да го следиме нашиот план“.
🤾♂️Кои се твоите очекувања на ова ЕП, некако сите ја гледаат Романија како шанса за победа. Знаејќи го твојот победнички менталитет сигурно нема калкулираме…
„Европското првенство заедно со Олимписките игри се најквалитетните натпреварувања што постојат. Секогаш на Европски првенства, поготово со овој систем за натпреварување е за очекување дека ќе добиете екстремно тешка група. Задоволен сум тоа како изгледаме и како се однесуваме во моментот во секој поглед. Психолошката подготовка на секој играч треба да биде на високо ниво затоа што Европското првенство тоа го бара од сите нас. Фаворити во нашата група се Данска и Португалија, шансите со Романија ни се 50/50. Мораме да одиме натпревар по натпревар тоа ни го кажува нашето искуство во последните 15 години, никако не смееме да калкулираме. Верувам во тимот дека ќе го даде максимумот во овој момент“.
🤾♂️Ова ќе биде твое петто големо натпреварување како селектор на Македонија. Цврсто и храбро реши да го спроведеш процесот на смена на генерација. Колку овие момци созреаја низ годините?
„Многу поголеми национални селекции од нашата имале и имаат проблеми кога менуваат грнерации. Моментално тој проблем го има Шпанија, но го имале селекции како Шведска, Исланд, Норвешка и Германија..кои освојувале многу медали во минатото. Мислам дека сме на добар пат и напредуваме. Конкуренцијата е страшна со која што се надигруваме, и сите тие имаат многу поголем избор, услови и многу други работи за разлика од нас. Не сакам ни да зборам логистички, како Македонија, во каква ситуација сме во моментот, а тоа го увидовме на минатото СП, но и сега на турнирот во Швајцарија.
Мала земја со многу проблеми која сака да победува на спортски и достоинствен начин на спортските терени. Со борбеност, залагање и голема верба во себе. Ќе се бориме до крај нема да се предадеме“.
Следете СпортСпорт и бидете во тек со сите случувања во Хернинг, ќе известуваме од лице место.










