Артета: Да победевме, ќе бевме во поинаква позиција!

97

Микел Артета рече дека Нотингем Форест го спречил Арсенал да доминира во играта, бидејќи двата тима ремизираа 0-0 во 22-то коло од англиската Премиер-лига. Тоа беше втор нерешен резултат без голови за Лондончани од почетокот на астрономската година, откако го сторија истото против шампионот Ливерпул. Сепак, „топџиите“ остануваат убедливи лидери на Островот.

„Секако дека дојдовме тука за да победиме, но од различни причини не ја добивме. Мораме да им го дадеме заслуженото на нашите противници. Тие се извонредно организирани и навистина добри во нарушување на вашиот ритам кога ќе почнете да доминирате.

Но, вистината е дека создадовме четири шанси, не сметајќи го чистиот пенал што не беше досуден. Не примивме ниту еден удар кон голот, но не можевме да победиме и тоа е разочарувачки. Исто така, мислам дека можеме да играме подобро, особено во одредени области на нападот.

Да победевме, ќе бевме во поинаква позиција, но направивме чекор напред – мал, не толку колку што сакавме, но сепак чекор“, рече Артета.

Интересен факт е дека пред три години, кога Арсенал повторно беше вклучен во борбата за титулата и го држеше првото место повеќе од 300 дена, конечно ги загубија теоретските шанси за круната откако не успеаја да го победат Нотингем Форест во претпоследното коло од сезоната 2022/2023. Тогаш момците на Артета загубија со 0:1.

ПретходноГолемо засилување за Осогово: Велинов се врати дома! (ФОТО)
СледноМитревски: Португалците имаат врвни играчи, но имаат и слаби страни – ние треба да ги искористиме!