Франција доживеа тежок пораз од Шпанија со 32:36, со што се најде во незгодна ситуација за место во полуфинале на Европското првество. Актуелниот бранител на тронот во последното коло игра против Германија.
Селекторот Гијом Жил беше видно разочаран после поразот и немоќната игра на неговата репрезентација.
„Во овој момент има многу разочарување и фрустрација. Ги предупредивме играчите пред натпреварот дека ова е меч кој треба да го одиграме во нашата зона на комфор, дека Шпанија нема што да загуби и дека ќе се обиде со некои нови тактички решенија. И токму тоа го направија. Имам чувство дека ние, како стручен штаб, не успеавме доволно да ги држиме играчите будни и фокусирани, а дека играчите, поединечно, не беа подготвени за оваа борба. Ништо не функционираше. Нивната агресивна одбрана ни создаваше големи проблеми, а потоа не погодувавме, ниту успеавме да ги запреме во одбрана.
Второто полувреме беше многу подобро, со значително повеќе интензитет и агресивност, и се вративме во натпреварот. За жал, не доволно блиску за тие да почнат да паничат. Од друга страна, изгледаше како да ни се тресат рацете и промашивме неколку отворени ситуации. Тоа е факт и самите се доведовме во оваа ситуација. Сра*е е, но така е како што е. Во среда навечер ќе имаме финале против Германија. Но, секако, би сакале работите да се одвиваа поинаку“, изјави Жил.










