Тениската репрезентација на Македонија е поразена во дуелот со Кипар со 5:0 што се одигра во Никозија во рамки на Втората Светска зона. Денешните три мечеви ги добија домашните тенисери, кои остварија прво победа во двојки, а потоа и во двата сингл меча.
Во последниот меч младиот македонски тенисер (15 години) Марко Алексовски загуби од Константинос Мегалемос со 2-0 во сетови (76(8) и 61). Во првиот сет се водеше голема борба, а Алексовски спаси четири сет топки и ривалот беше поуспешен со 10:8 на поени во тај брејкот. Во вториот сет ривалот беше убедлив со 6:1 во гемови.
Во првиот сингл меч Кристијан Јанев загуби од Николас Кембел со 2-0 во сетови (62 75), додека во првиот денешен меч во конкуреција на двојки Стефан Мицов и Амар Хусеиновиќ загубија од Мелиос Ефстатиу и Елефтериос Неос со 2-0.
Со денешниот пораз Македонија во јуни месец годинава ја очекуваат мечеви во рамките на Третата зона.










