Тиквеш во првото пролетно коло имаше лесна задача, доминираше и убедливо го совлада Шкупи со 0-6, играјќи во Кавадарци иако формално како гостин. Веќе следниот ривал е многу, многу посериозен, актуелниот шампион Шкендија гостува кај составот на Борче Христов.
Искусниот дефанзивец Даниел Мојсов вели дека тој и соиграчите имаат максимален респект за Шкендија, но ќе сторат сѐ да ги освојат бодовите.
„Бодови мора да освојуваме против секого. На секој следен натпревар да одиме со јасна цел – нови три бода. Сега нè очекува многу поинаков меч од претходниот. Ги респектираме и ги цениме, но ние одиме на победа. Ако бидеме сите како едно, сигурен сум дека бодовите ќе останат во Кавадарци. Тие играат на повеќе фронтови и нормално е да имаат слаби страни. Ние ги знаеме и се надевам дека ќе успееме да ги искористиме. Од друга страна, свесни сме и за нивните квалитети и верувам дека ќе успееме да ги неутрализираме“, вели Даниел Мојсов. Во Кавадарци се очекува фудбалски спектакл, а Мојсов ги покани фановите да дојдат во голем број на стадионот и да го поддржат тимот на Тиквеш.
„Ги поканувам сите верни навивачи и поддржувачи, нашиот 12-ти играч „Лозарите“, да дојдат во што поголем број и да ни дадат силна поддршка, за заедно да извојуваме победа против една од најквалитетните екипи во лигата“, порачува стоперот на кавадаречкиот тим. Тиквеш ќе ја пречека Шкендија на Градскиот стадион во Кавадарци, со почеток од 13 часот.















