Јана денеска ќе дебитира: Олимписките игри се цел што ја живеев со години, но и почеток на ново поглавје

226
Фото: Приватна Архива/Јана Атанасовска

Денеска на Зимските Олимписки Игри ќе настапи нашата Јана Атанасовска. Своето деби на ова големо натпреварување ќе го има во трката во велеслалом, првата е во 10 часот, додека пак втората е со почеток во 13:30 часот.

Јана во интервју за „Женски Спортски Приказни“ пред да замине на ЗОИ ги сподели своите очекувања.

„Да, олимписката норма е веќе исполнета, што само по себе е огромен успех – и за мене лично, и за Македонското алпско скијање. Тоа е резултат на години напорна работа, откажувања, долг процес на градење форма и континуитет на меѓународна сцена. Кога ќе сфатиш дека си го остварил критериумот за Олимписките игри, чувството е посебно – гордост, олеснување, но и уште поголема одговорност.

Заминувањето на Олимписките игри не го гледам само како исполнување на сон, туку како следен сериозен чекор во мојата спортска кариера. Олимписките игри се највисокото можно ниво на кое еден спортист може да настапи – таму се најдобрите од светот, најдобрите патеки, најголемиот притисок и најсилната енергија. Самото учество значи дека си дел од светската елита.

Што се однесува до очекувањата, тие се реални, но амбициозни. Прво и основно, целта ми е да одам максимално подготвена – технички, физички и ментално. Сакам да возам стабилно, паметно и храбро, да ги пренесам тренинзите во натпревар и да покажам дека не сум таму само за учество, туку за квалитетен олимписки настап.

Олимписките игри се цел што ја живеев со години, но и почеток на ново поглавје. Моето најголемо очекување е да излезам од таа олимписка приказна како подобра, поискусна и посилна спортистка, подготвена за следните чекори на светската скијачка сцена“, ни рече Јана. 

На Јана и посакуваме успех….

Целото интервју можете да го прочитате на следниот линк.

ПретходноХаланд само под еден услов може да дојде во Реал Мадрид
СледноОваа сезона не одигра ниту минута, но победи во тројки на Ол-стар викендот (ВИДЕО)