Работилница на одделот за безбедност и интегритет: Јасна борба против навреди и местење натпревари

47
ФОТО:FFM.MK

Одделот за безбедност и интегритет при Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ) во Охрид одржа работилница со комесарите за безбедност од Прва и Втора МФЛ, како и со претставници на МВР (Оддел за униформирана полиција и Оддел за криминалистичка полиција), претставници од ОЈО Скопје и ОЈО Гевгелија,  претседателите на натпреварувачката и дисциплинската комисија, како и професорот Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет.

На семинарот беа одржани посебни состаноци на Комисијата за безбедност, потоа состанок со Одделот за униформирана полиција, како и заеднички состанок со Одделот за криминалистичка полиција и претставници на ОЈО. На средбите се дискутираше за унапредување на соработката, подобрување на комуникацијата и зајакнување на механизмите за координација во насока на поефикасно функционирање.

Присутните претставници на работилницата имаа можност да ги слушнат презентациите од страна на Одделот за безбедност и интегритет, претставниците на МВР, професорот Марјан Ѓуровски, како и претседателите на натпреварувачката и дисциплинската комисија на ФФМ. Присутните дадоа позитивни оценки за иницијативите за подобрување на меѓусебната комуникација и соработка, како и за предлогот за формирање работни групи за работа со навивачките групи и за можни измени на законските рамки поврзани со спортот во делот на сигурноста, безбедноста и заштитата на интегритетот.

На дводневниот семинар недвосмислено беше нагласено дека Фудбалска федерација на Македонија ќе применува нулта толеранција кон секаков облик на националистичко скандирање, говор на омраза и навреди на фудбалските натпревари, со доследна примена на дисциплинските мерки и координација со надлежните институции. Истовремено, Федерацијата ќе продолжи со засилени активности во откривање и санкционирање на местење натпревари, преку унапредена соработка со безбедносните органи и обвинителството, со цел целосна заштита на интегритетот и регуларноста на фудбалските натпревари.

ПретходноСега и официјално: Противникот на Шкендија во ЛК го претстави својот нов тренер! (ФОТО)
СледноРомано објавил ФЕЈК фотографија на Дон Карло со три жени! (ФОТО)