Цветковски: Договорот со Вардар е само мотив повеќе да продолжам напред

75

Уште еден млад, талентиран и надежен фудбалер на Вардар дочека да потпише професионален договор со најтрофејниот македонски фудбалски колектив.

Тоа е 16. годишниот Филип Цветковски, кој што пред само десетина дена го имаше своето професионално деби во ПМФЛ конкуренцијата во рамките од првото пролетно коло, кога Вардар со 5:1 го совлада Арсими на свој терен.

Повредата на Михаил Маневски, и позајмицата на Мурџески, го исфорсира едноставно младиот Цветковски во стартниот тим на тренерот Гоце Седлоски. Левиот бек и тоа како добро ги одигра шеесетте минути минати на терен, за што доби пофалби од сите страни.

„Навистина нема што друго да додадам, а што не кажав при моето деби за Вардар. Што може еден 16. годишен играч да посака повеќе од ова. Деби за прв тим, професионален договор. Вардар, стучниот штаб, водечките луѓе на клубот, веруваат во мене и тоа јас исклучително го ценам. Ќе вратам најдобро што можам. Со залагање, максимален ангажман, и оставање срце на терен за „црвено – црниот“ дрес, како што го правам тоа и досега“ – вели за Спортспорт, Филип Цветковски.

Капитенот на У17 репрезентацијата на Македонија е последниот во редот на младинци на Вардар кој деновиве станаа професионалци. Претходно договор потпишаа и Андреј Цветковски, Никола Ристевски, Христијан Јевтоски и Бљерон Бајрами.

 

ПретходноУрнебесно вклучување од Милано: ТВ Репортерка пијана се јавила и се тркалала по снегот!(ВИДЕО)
СледноОфицијално: Букајо Сака со нов договор за Арсенал