Интервју со Владо Илиевски: Македонија ми е во срцето, тука сонцето е поразлично од било кое друго во светот!

188

Марија Ковачева

Нашата кошаркарска легенда, Владо Илиевски се врати во Македонија. Не за да ги собере аплаузите, не за функција, тука со една цел – да помогне овој спорт повторно да стане национална гордост.

Илиевски за првпат е дел од едно раководство на Кошаркарската Федерација на Македонија. Неговата улога е координатор на сите национални селекции, и во машка, и во женска конкуренција.

Илиевски е подготвен своето богато искуство како кошркар, а потоа како спортски директор на Илирија и Цедевита Олимпија, да го пренесе во својата татковина.

Иако во моментов на кошаркарски план не можеме да се пофалиме со добри резултати и веќе долго време сме надвор од европската карта, не успеавме да направиме безболна смена на генерација, нашата легенда подаде рака, подготвен е заедно со федерацијата да постават здрави и црвсти темели.

Колку ти значи повикот од актуелното раководство на МКФ да се вратиш и да бидеш дел од нивната структура? Што беше пресудно за да си подадете рака?

„Мене Македонија навистина ми е во срце, секое мое враќање во Македонија ми претставува неизмерно задоволство, да се видам со семејство и со пријателите. Сонцето во Македонија е навистина е поразлично од било кое друго сонце во светот. Јас не можам да го заборавам своето детство, своите корени, местото каде што почнав да играм кошарка.

Заре Марковски ми рече: Дојде време и на тебе. Се менуваат времиња и практично ќе дојде време на сите оние кои оставиле белег. Мораш да прифатиш.

Можеби ситуацијата не е најсјајна, но сите треба да бидеме позитивни, да пробаме да помогнеме.

Пресудна беше и мојата соработка со Младен Ѓуроски. На почетокот имав желба да бидам претседател – но од оваа перспектива сфатив дека е потребно големо животно искуство, и во спортот, но и надвор од него. Оваа поставеност во федерацијата – Томица Главчев како претседател, Младен како потпретседател и Томче Стојчевски како генерален секретар – мислам дека идеално се вклопува во кошаркарската слика. Јас сум задолжен за кошаркарскиот сегмент, а сите заедно ќе треба да поставиме систем што ќе функционира, систем кој ќе донесе позитивни промени“, вели Илиевски.

Твојата улога е координатор на националните селекции. Која е најважната точка од која ќе почнете да ги градите темелите. Што треба да се промени?

„Поставувањето селектори ќе биде внимателен процес – не само во машката, туку и во женската кошарка. За соработници покрај себе ќе имам луѓе кои добро го познаваат тој дел, особено во женската кошарка, која не ја следев доволно. Важно ми е девојчињата да се чувствуваат еднакво важни исто како и машките.

Селекторите мора да бидат едуцирани, искусни, и пред се да ја сакаат работата, да се исполнети кога нивните играчи напредуваат.

Во младинските селекции ќе бидат поставени тренери кои се покажале и докажале не само во Македонија. Од нив ќе почне пирамидата – од 14, 16  до 20 години. Кочов ќе биде важна фигура и главна конекција. Нема да одлучува само еден човек, а програмата по која ќе работат репрезентациите нема да биде иста за сите. Јас нема да ја правам програмата – мене некој ме научил да дадам кош, се разбирам во кошарката, но деталите ќе ги оставиме на струката.

Сигурен сум дека Хозе Мариа ќе ни помогне со своето искуство. Почнал во младинските школи во Барселона, ја водел младата екипа Хувентуд во Втората шпанската лига, а од неговата школа веќе излегле сериозни имиња. Тоа искуство ни е потребно“.

„Од леле луѓе што направивме до леле луѓе што ќе правиме“. Каде ги направивме “чекорите” или “личната во напад”? После ЕП 2015 година во Загреб, некако го загубивме ритамот, не успеавме да чекориме со европските селекции?

„Имаме пропусти во тренерската струка, но и во физичката подготовка. Денес спортот е поинаков, бара поинаков физички аспект. Немаме доволно едуцирани тренери за физичка подготовка. Не зборуваме за еден или двајца играчи – тоа е системски проблем. Еве, во моја Струмица не знам ниту еден таков тренер. Каде се тие луѓе?

Во наше време кога ќе ни кажеа да креваме тегови, бевме против, мислевме дека ќе се повредиме. Денес знаеме дека тоа е предуслов за да бидеш физички подготвен за цела сезона. Тие работи се поврзани.

Треба да создадеме попозитивна слика за македонската кошарка, за да родителите,  децата, па и постарите генерации – да речат: „Зошто не кошарка?“ Но, федерацијата е само еден дел, тука се и клубовите, тука се и школите за кошарка. Мора сите да го променат начинот на функционирање, од нив почнува секоја успешна спортска приказна“.

Најави дека ќе се обидеш да го пренесеш целото твое искуство во македонската кошарка. Со оглед дека работиш во Словенија, што треба прво да смениме како нација на кошаркарски план? Колку време ќе биде потребно за да видиме мал напредок?

„Процесот ќе биде макотрпен, затоа што Македонија нема доволен буџет и инфраструктура. Имаме деца, но ни требаат услови – топли, одржувани и чисти сали. Било полошо, сега е лошо, но не смее да биде вака. Години поминаа.

Ќе ви дадам еден пример, салата во Струмица беше спортски храм. Денес ми е жал, не сакам да влезам во салата бидејќи за мене тоа претставува голема болка .

Федерацијата мора да биде иницијатор, но истовремено да има помош за да ги вратиме поранешните спортски центари. Ако сакаме Струмица или пак некој друг град да го вратиме на кошаркарската мапа, ќе мора да почнеме од основата, а тоа се елементарни услови за спорт, поточно комплетно опремени сали“.

Во последно време јавноста сака инстант успех бидејќи спортот носи уникатна среќа, па често пати на социјалните мрежи сме сведоци на разновидни коментари. Токму затоа е прашањето за временска рамка и времето кое е потребно за да ги видиме мал, но значаен напредок.

„И во наше време постоеше тој сајбер булинг, но сега е застапен во многу поголема мера. На Балканот веќе постои едукација на оваа тема.

Видете ниту успехот на нашата генерација не беше создаден преку ноќ, нам ни беа потребни 10 години за да го фатиме тој ритам. Затоа велам мора да бидеме трпеливи како нација. Мора да почнеме да менуваме и да се менуваме и по цена на неуспех на почетокот.

Нема да жалам доколку плодовите она што ќе го изградиме ќе го собере некоја друга раководна структура, јас ќе бидам среќен кога ќе видам дека нашата макотрпна работа донела добри денови во кошарката. Ќе бидам среќен ако му помогнеме на едно дете да направи кариера и да живее од кошарката, а притоа дојде да игра за Македонија, и воедно со себе повлече друго дете“.

Честопати во јавноста слушаме и читаме осуди за најдобрите кошаркари. Еден од нив е Ненад Димитријевиќ. 

„Мора да бидеме внимателни со сите играчи, бидејќи ги немаме многу. Да не дозволиме да се повторуваат грешките од минатото, проблемот со репрезентација го имав и јас, Перо Антиќ и кошаркари кои биле во свое време најдобри. Никој не е свесен низ што се имаме поминато за да изградиме кариери надвор од Македонија.

Димитријевиќ е врвен кошаркар, игра во Евролига во тим како што е Баерн. Во овој момент, во овој циклус на претквалификации е невозможно да биде со репрезентацијата, би било нехумано доколку од него побараме да неколку дена да одигра два меча за клубот и два меча за Македонија. Затоа велам дека треба да ја погледнеме и реалната страна. Верувам дека во иднина ќе биде тука за Македонија и ќе можеме да сметаме на него. Јас ќе бидам најсреќен ако Нено се чувствува среќен тука во репрезентацијата“.

Во отсуство на пласман на Европските првенства, се навраќаме на онаа 2011 година кога Македонија го освои четвртото место и ја фрли цела нација во најубавата спортска бајка. Цела држава дишеше во ритамот на кошарката.

Фото: ФИБА

„Кога и да дојдат во Струмица, секогаш се зборува за тоа Европско првенство. За жал, ние не можевме да ја почувствуваме таа колективна радост после секоја победа. Ми раскажуваат дека луѓето, спонтано, во голем број се собирале низ улиците и заедно се славел секој наш триумф. Би сакал да доживеам еден таков момент.

Сигурно се сеќавате, ние во подготовките имавме само порази, а таму тргнавме со пораз од Црна Гора. Јас бев еден од ретките што веруваа дека ќе биде добро, често пати му велев на Марин Докузовски да не се грижи. Можеби изгледав чудно, но како да имав некое претчувство.

После поразот од Црна Гора, критиките стигаа до нас, но не губевме верба.

Искрено, многу ми е жал, што и ден-денеска мојот победнички кош против Хрватска за два поени разлика во финишот е потценет, секогаш во преден план е мојата тројка против Литванија. Ако не беше победата против Хрватска немаше да стигнеме до таму каде што стигнавме. Хрватска зеде тајм-аут, дилемата беше дали да правиме фаул или не, со Марин се договоривме да ги оставиме, се покажа како добра одлука. По секоја логика, ние требаше да се одлучиме за лична грешка, но среќа што го договоривме спротивното, Богдановиќ промаши тројка“.

Фото: ФИБА

 Едно од првенствата од кои очекувавме многу, а не успеавме е во Словенија 2023 година.

„Во Словенија игравме подобро и бевме подобри, но за жал не успеавме тоа да го спроведеме на терен, бев многу разочаран. На овој шампионат се чувствував повеќе храбар од Литванија, но останува жалењето што не остваривме успех. Останува да жалиме и што не успеавме да се пласираме на Олимпијада“.

ПретходноДербито се игра в сабота: Ова се термините на натпреварите од 20.коло во ПМФЛ!
СледноРФМ одржа состанок со судиите и побара непристрасност!