Силекс против Тиквеш денеска ја бара втората победа во пролетниот дел од сезоната. Кратовскиот тим влегува во пресметката во Кавадарци после поразот на домашен терен од Шкендија со 1:2, и покрај добрата игра и неколкуте шанси кои не беа искористени.
Избраниците на Александар Васоски се зацврстени на четвртата позиција на табелата, и доколку сакаат да се вмешаат во битка за некое од топ три позициите, ќе мора да најдат формула за освојување на трите бода.
Формулата ја знае најдобриот стрелец на Силекс сезонава, Мартин Мирчевски.
„Поразот од Шкендија не влијаеше негативно на нашиот тим, затоа што дојде против екипа која сезонава играше добро во Лигата на Конференции, а друга работа беа условите за игра, и мислам дека нема аргументи за замерка. Понекогаш на такви натпревари треба да те посака и среќа, а нас на тој меч не нѐ посака. Сега се фокусираме на мечот со Тиквеш, и нормално е дека бараме победа. Секогаш и секаде против секого одиме на победа. Секоја екипа си има предности и слабости, наша работа е да ги пронајдеме слабостите на Тиквеш, и да ги искористиме и да дадеме се од себе да ги освоиме бодовите“, изјави Мирчевски.















