По нерешениот резултат против АП Брера на домашен терен, и победата на Вардар во Кратово, Шкендија од еден, заостанува три бода од лидерската позиција која и натаму ја имаат „црвено-црните“ од Скопје. Сега дополнително истата изнесува шест бодови, после триумфот на првопласираниот над АП Брера на домашен терен, па Шкендија нема друг избор освен освојување на три бода на домашен терен против Арсими.
Освен Шкупи, Арсими оваа пролет не победи ниту еден тим, но резултатите од минатите два меча против Шкендија треба да бидат предупредување за избраниците на Јетон Беќири дека нема да им биде нималку лесно. Арсими во Тетово освои бод, а потоа на свој терен ја совлада Шкендија со убедливи 3-0, па сега шампионот ќе ја бара првата победа над овој противник во сезоната.
„Атмосферата во тимот е одлична, и покрај тоа што резултатот на последниот натпревар не беше добар за нас. Одигравме одлично, се боревме со играч помалку, и тој гол на крајот беше разочарувачки за нас. Но, во фудбалот има вакви работи. Со Силекс тогаш дадовме гол на крајот, сега примивме, но одиме понатаму. За нас секој натпревар е како финале. Сега остануваат 11 натпревари за нас, 11 финалиња и ќе се обидеме да ги освоиме сите можни бодови за да ја одбраниме шампионската титула. Поддршката од навивачите е добредојдена во вакви моменти. Ги поканувам сите навивачи да дојдат и да не поддржат, а јас се надевам дека ќе им вратиме со победа и на крај со титула“, рече фудбалерот на Шкендија, Дрилон Ислами.
Дефанзивецот на Арсими, Ајрадин Цуцули, зборуваше пред важниот натпревар против Шкендија во Тетово, искрено признавајќи дека екипата минува низ тежок период.
„Свесни сме дека како тим поминуваме низ не толку добар период. Последните резултати не беа онакви какви што ги очекувавме и тоа, секако, создаде одредена криза кај нас. Сепак, во фудбалот ваквите моменти се случуваат и најважно е како ќе реагираме како екипа. Не очекува многу тежок дуел против Шкендија. Станува збор за квалитетна екипа со традиција, која секогаш е силна на свој терен. Имаме максимален респект кон нив и свесни сме колку тешка ќе биде оваа средба.
Од наша страна, ќе дадеме максимум на теренот. Се надевам дека што побрзо ќе излеземе од оваа криза и ќе почнеме да бележиме позитивни резултати, бидејќи оваа екипа има квалитет и верувам дека можеме да се вратиме уште посилни во продолжението од сезоната“, заврши дефанзивецот на Арсими.
Натпреварот по меѓу Шкендија и Арсими ке се одигра денес со почеток во 14:30 часот на градскиот стадион во Тетово















