Така е тоа кога имаш екстра селектор и тоа еден Раул Гонзалез, некогашниот стратег на Вардар со кој стана европски шампион во 2017 година и екс – селектор на Македонија.
Имено селекцијата на Србија вечерва во Ниш, во првиот меч од претквалификациите за пласман на СП 2027, успеа да ја победи Литванија со убедливи 42:25 (21:12). Иако има реванш, сега веќе се знае дека четата на Раул ќе се пласира понатаму и во главниот бараж за Мундијалот следната година ќе игра против Унгарија.
Избраниците на „Ел Команданте“ вечерва во целост го искажаа сиот свој квалитет, од стартот на мечот покажаа кој е кој и успеаја на крајот да слават со 17 голови разлика.
Печмалбец запиша 10 голови, Воркапиќ 5, а Кос, Кукиќ и Црноглавац запишаа по 4, додека Борзаш стрелаше трипати во мрежата на Литванците. Додека Милосављев, некогашниот голман на Вардар од шампионската генерација од 2019 во ЛШ, имаше неверојатни 21 одбрани.










