Во третото меѓусебно соочување сезонава помеѓу Струга Трим Лум и Шкупи, стружани стигнаа до својата трета победа. Иако номинално беа гости, на својот стадион „Градска плажа“, Струга ТЛ славеше со 0-3.
Дуелот од 26. коло помина во апсолутна доминација на Струга, со бројни шанси пред голот на Муслиу. Радески постојано се закануваше кон противничкиот гол, а во една прилика ја погоди и рамката од голот на чаирчани.
Сепак, отпорот на Шкупи прв го скрши неговиот партнер во нападот. Резултатот го отвори Христијан Малески во 27. минута, кој со прецизен удар со глава го совлада голманот на Шкупи за 0-1. Истиот играч во финишот на првото полувреме имаше идеална шанса да ја удвои предноста од пенал, но неговиот млак удар беше лесен плен за голманот Муслиу. На самиот почеток на второто полувреме, стружани брзо ги решија дилемите околу победникот.
Во 48. минута, Агрон Рочи упати прецизен приземен удар од работ на казнениот простор, сместувајќи ја топката во левиот долен агол за 0-2. Само три минути подоцна, Хамза одлично проби по левата страна и го пронајде Малески во срцето на шеснаесетникот, кој од непосредна близина погоди за конечни 0-3.
До крајот на средбата се редеа шанси преку Рочи, Илиевски и повторно Малески, но резултатот остана непроменет. Во следното, 27. коло, Струга го пречекува тимот на Тиквеш, додека Шкупи му гостува на актуелниот лидер во Тетово.















