По крајот на сезонава ќе има нова „бура“ во ФК Вардар АД со оглед на тоа дека од неофицијални извори дознаваме дека компанијата од Унгарија која е сопственик на 85% од акциите има најавено повлекување од клубот.
Тоа е причината за големиот хаос во клубот за кој може да се прочита изминативе денови. Во Вардар се доцнело и ќе се доцни со исплата на платите и тое не треба да биде ама баш никакво алиби за слабите игри, за слабите резултати и кризата кај играчите на ФК Вардар која е од други а не од финансиски побуди. Наместо фокус кон титулата се прави фокус кон нешто кое за скоро и ќе го нема иако и тие кои се пикаат да влезат во новата структура се прочитани „работници“ кои веќе со нивните „шеми“ имаат уништено два скопски трофејни клуба.
Најавената метла за јануари ќе се случи кон крајот на мај и при истиот удар малкумина ќе “преживеат“ од постоечката структура на управување, стар и нов стручен штаб па и голем дел од играчите. Промашени засилувања, скапи и непродуктивни аргентинци, бегството на МАТО РОЏЕРС за кое Вардар замена нема може да најде со години и години. Дека во Вардар „коцките“ не се на место се виде и на подготовките во Анталија но за да ветерот те подбутне треба да се има барем минимален квалитет кој го немаат новите поединци кои дојдоа во зимскиот преоден рок.
А чаршијата со години зборува за тие шеми, има и „снимачи“ кои уште повеќе ја разгоруваат работата само за да со „цинкарења“ останат на позициите и да земат една, две… па и десетина месечни плати иако на таквите рокот на траење им е многу кус. Вардар како и во минатото така и сега се уништува самиот одвнатре! Никој не му е виновен. Ни Пелистер, ниту Арсими, ниту Шкендија… Самиот Вардар, самите вардарци кои секогаш личниот го ставаат пред клубскиот успех. За еден месец завршува сезоната. Клубот никогаш не бил толку блиску до титулата по големата криза и второлигашки статус од неколку сезони.
Уништувачите од минатото си го наплатија она кое никогаш и не го заслужиле од ФК Вардар АД, но затоа пак се појавија некои нови ликови кои на штета на клубот носат мизерни играчи со скапи и повеќегодишни договори, спорни тренери и ликови кои прават раздор со тоа што на едни им даваат плати а другите ги ставаат на листа на чекање. Некое ликови се повторуваат и сега а беа во Вардар и во минатото кога клубот исто така со нив го допре дното.
Непотребен раздор во непотребно време за непотребни теми. Личен доход или плати ретко во кој клуб има на време. Не дека и во Шкендија цветаат рози но ваков хаос од таму не може да излезе од клубот. Тоа е внатрешен проблем и работи кои се решаваат внатре во клубот. И најважно е тоа дека во секоја работа и секогаш треба цврсто да се има став, образ и да се седи на една столица. Секое преместување е фатално и болно за таквите „двојни“ играчи кои за жал со години функционираат на позиции во овој наш мак-фудбал. Но да се вратиме на главното.
Метлата која малкумина ќе ја преживеат. Таа доаѓа и ќе удри за брзо време… Најдобро е да удри со стил и со шампионски шмек но ако во ФК Вардар не се врати единството и не се исплатат дел од долговите – тоа би било фатално за најтрофејниот клуб во земјава. Фокусот на титулата и саботниот меч со Работнички. Секој друг фокус е пораз за сите!!! Има време да се мерат силите но откако ќе заврши сеозната кога билетите за Аргентина се поевтини.
А до тогаш следува финишот од сезоната кој ќе биде пеколен како за титулата така и во битката за опстанокот. Вардар треба да остане таму каде што е сега – на врвот!















