Футсал репрезентацијата тргна со победа над Бугарија

65

Футсал репрезентацијата со победа го отвори настапот во првиот круг од квалификациите за пласман на Светското првенство. Во првото коло селекцијата на Македонија ја совлада Бугарија со 4:1. Серијата погодоци ја отвори Иван Крстевски уште во втората минута, а веќе во осмата имавме водство од 2:0 откако во листата на стрелци се запиша Берат Рамадани.

Во 18. минута имавме можност да стигнеме и до поубедлива предност, но Тони Киревски не успеа да реализира пенал. На почетокот од второто полувреме, Владимир Бахаров го постигна единствениот гол за Бугарија. Во самиот финиш на натпреварот, избраниците на селекторот Газменд Хисејини на два пати ја затресоа мрежата на противникот за убедлива победа. Во 38. минута, голманот Антонио Петровски зголеми на 3:1, а само педесетина секунди подоцна нов погодок за Рамадани за конечен триумф од 4:1.

Следен противник ни е репрезентацијата на Турција и доколку успееме да забележиме победа со сигурност освојуваме една од првите две позиции во групата кои водат во следната фаза од мундијалските квалификации.

Почетокот на натпреварот е закажан за утре во 15 часот и 30 минути.

ПретходноСинер и Алкараз добро се помачија за четвртфинале во Монте Карло
СледноБарса се жали во УЕФА: Ова не е првпат во Лигата на шампионите судиите сериозно да му наштетат на тимот