Срамно за главниот град: Во следната сезона во ПМФЛ ќе има само еден скопски клуб?!

826

Полека, но сигурно влегуваме во завршницата од сезоната во ПМФЛ. Остануваат уште седум кола до крајот, а секако дека во преден план е битката за титулата во која шанси за трофејот имаат три клуба. Тоа се Вардар (62 бода), Шкендија (61) и Струга ТЛ (56).

Од друга страна жестоко ќе биде и во битката за опстанок. Шкупи и дефинитивно е испаднат, а се бараат уште два клуба за директно испаѓање и уште два кои ќе играат бараж за опстанок.

И ако на крајот вака изгледа табелата, како сега што е пред мечевите од 27.коло, тогаш ќе се случи нешто што досега се нема случено во ПМФЛ од првата сезона во самостојна Македонија 1992/93, а тоа е во следната сезона во нашата елитна лига да има само еден скопски клуб, и тоа Вардар. Клуб со кој во последно време се врзуваат само неубави нешта.

Познато е дека во следната сезона ПМФЛ ќе се намали од 12 на 10 клубови, а ако Скопје и Шкендија (А) не успеат да влезат во елитата, и ако Работнички и Македонија ЃП испаднат, тогаш тоа ќе биде голем срам за Скопје, за фудбалско Скопје, за главниот град на Македонија.

Ако една третина, па и половина од Македонија е Скопје, тогаш несфатливо е како тоа само еден клуб да има овој град во ПМФЛ. Но, тоа не е ништо ново, ако се знае дека скопјани воопшто не ги интересира прволигашки фудбал. Па на мечевите на Вардар, кој се бори за титула, доаѓаат само по 100-200 гледачи, а за Работнички и Македонија ЃП и да не говориме, Шкупи цела сезона игра на гости, а не на Чаир.

Инаку, колку за потсетување, рекорд во поглед на тоа колку скопски клубови во една сезона имало во ПМФЛ е таа 1998/99 сезона кога беа дури седум од 14 клубови во елитата. Значи пола Прва лига била од Скопје, и тоа Вардар, Работнички, Цементарница, Македонија ЃП, Слога Ј, Скопје и Балкан.

Не треба повеќе коментар. Само уште еднаш, нека се засрамат сите скопски фудбалски клубови, фудбалски работници.

Ќе го остават Скопје со само еден клуб во ПМФЛ следната сезона, со Вардар.

Сепак, да оставиме да заврши сезоната во ПМФЛ и ВМФЛ. Којзнае, можеби Работнички или Македонија ЃП по некое чудо ќе се спасат, а Скопје и Шкендија Арачиново ќе влезат, па макар и преку бараж.

ПретходноМакедонските ракометарки во Словенија се подготвуваат за најважниот меч!
СледноЕрјона Јонузи: Сакам да покажам дека и од Македонија може да се стигне далеку