Исејни: Завршна проверка пред влез во натпреварувачкиот систем на УЕФА

64

Струмица е домаќин на развоен турнир под покровителство УЕФА на кој покрај репрезентацијата на Македонија до 16 години настапуваат и селекциите на Северна Ирска, Узбекистан и Турција,

Во првиот натпревар, Македонија и Северна Ирска играа без погодоци, а според правилата на турнирот се изведуваа удари од 11 метри по кои славеше нашата репрезентација.

“Северна Ирска како и сите селекции кои го негуваат островскиот стил на игра е незгодни противници. Тоа е тим кој диктира високо темпо во текот на целиот натпревар, силен интензитет на игра и навистина е тешко да им се парира. Сепак ние некако успеавме да најдеме решение за нивната игра и тоа со висок блок и контра напади. Во секој случај ова беше тежок натпревар, но може да кажам дека сум задоволен од прикажаното иако во текот на деведесет минути имаше и многу пропусти”, изјави селекторот Иљами Исејни.

Следен противник ни е репрезентацијата на Узбекистан која на стартот е поразена од Турција со 4:0.

“Тоа е репрезентација која бележи постојан напредок. Имав можност да го следам нивниот настап на дуелот против Турција, која забележа убедлива победа, но нашиот следен противник на моменти пружаше силен отпор. Не очекува уште еден тежок натпревар, кој исто така добро ќе им дојде на играчите за да го стекнат неопходното искуство за идните предизвици”, продолжи Исејни.

Во текот изминативе десетина месеци оваа репрезентација одигра серија на контролни натпревари преку кои се селектираат фудбалери што ќе бидат дел од националниот тим во следните циклуси на квалификации за Европските шампионати.

“Голем хендикеп е фактот што не можам да сметам на шест фудбалери кои беа дел од сите претходни собири и покажаа дека на нив треба сериозно да се смета и тоа се играчи кои имаат место во стартната постава. Поради нивното отсуство решив да повикам неколку нови имиња кои на овој турнир треба да се наметнат и да конкурираат за настап во националниот тим”, потенцираше Исејни.

Веќе од јуни оваа репрезентација ќе биде дел од системот на натпреварување на УЕФА за играчи до 17 години и наскоро ги очекува настап во првиот круг квалификациски круг.

“И овој развоен турнир е одлична можност за проверка на можностите на уште неколку фудбалери. За мене тоа е одлична шанса да го следам напредокот на играчите со кои подолг период заедно работиме на овие собири. Оваа генерација веќе од ова лето влегува во натпреварувачкиот систем на УЕФА и нам ни е добредојден секој контролен дуел.Постојано се вежбаат тактички варијанти кои ќе ги применуваме во иднина”, заврши Исејни.

 

 

 

 

ПретходноРаул Гонзалес го гради Вардар во Србија
СледноМасар Омерагиќ: Поддршката од УЕФА и претседателот Чеферин е силен поттик за реформите и развојот на македонскиот фудбал