ГРК Охрид се пласираше во финалето на Купот на Македонија, момент кој е историски за овој клуб. Во полуфиналето избраниците на Борис Ројевиќ го победија актуелниот првак Пелистер со 26-19. Охриѓани одиграа одличен натпревар, доминираа од почетокот до крајот.
Во финалето за противник го имаат најтрофејниот ракометен тим, Вардар 1961, дуелот се игра утре (20 часот) во Струмица. Со оглед дека самиот момент е историски, а охриѓани имаат шанса да дојдат и до пехарот, ги повикаа своите фанови да дојдат и да ги бодрат ракометарите. Но, не е само тоа, тие ќе им обезбедат превоз до Струмица.
Сето ова е најава за спектакл на трибините. Вардар 1961 ќе ги има верните „Комити“, додека пак ГРК Охрид – „рибари“. Салата „Парк“ конечно ќе биде исполнета како што долкува за едно натпреварување како што е Купот на Македонија.










