Седум бодови заостанува Силекс за третата позиција на табелата, но денеска таа разлика може да се намали на четири, со евентуален триумф на гостувањето кај Струга ТЛ.
Кратовскиот тим ќе се обиде да ја искористи одличната форма и четирите победи по ред, да триумфира и во Струга, и дополнително да се доближи до својот ривал, а потоа во финишот од првенството да се обиде да стигне до посакуваната трета позиција. Дека знае како да се победува во Струга, Силекс покажа во февруари годинава, кога ја победи оваа екипа со 2-3 во одличен натпревар и со пресврт во последните 10 минути. Од таборот на гостите посакуваат и денеска да заминат со кренати раце.
„Неслучајно Силекс во последните две години покажува карактер и се бори за врвот на табелата. Не сме таму каде што сме случајно, и сега ќе се обидеме да се пласираме што е можно погоре на табелата. Имаме и реванш во Купот, што е многу важен натпревар за нас, меѓутоа сега треба да мислиме како против Струга да изнанадиме и да дојдеме до три бода. Во добра серија сме, играме добро, сега само така треба да продолжиме, да ја наметнеме нашата игра, и нормално, доколку видиме шанса да дојдеме до триумф, тогаш ќе треба да ја искористиме и да стигнеме до нова победа“, изјави играчот од средниот ред на Силекс, Дарко Додев.















