На денешниот натпревар против Башкими во 29. коло од ПМФЛ, Шкендија мора да го најде патот кон трите бода. Актуелниот првак нема право на грешка, ако сака да остане во трка за титулата со Вардар, кој со победата вчера над Тиквеш се оддалечи во моментов четири бодови.
Тетовските „црвено-црни“ веќе двапати сезонава го победија Башкими, и го имаат „рецептот“ за триумф, со надеж дека ќе го применат и денеска за да повторно ја направат разликата од еден бод со најголемиот ривал за титулата во оваа сезона. Голманот на Шкендија, Бабубакар Гаје смета дека натпреварите со ваквите противници се најтешки, и дека тимот мора да биде фокусиран од првата до последната секунда, додавајќи дека целта на тимот е да ја освои двојната круна сезонава.
„Мораме да го сфатиме овој натпревар многу сериозно. Најопасните мечеви се против тимовите кои се борат за опстанок, затоа што тие секогаш наоѓаат мотивација против оние екипи кои се борат за највисок пласман. Мораме да бидеме фокусирани од првата до последната секунда, да не правиме грешки и да ја контролираме играта. Нашата цел сезонава е двојна круна, односно титула во шампионатот и пехар во Купот на Македонија“, рече Гаје.















