Таму каде што другите гледаат пречки, Моника Бошковска создава можности!

62

Марија Ковачева

Кога зборуваме за жени кои не се плашат да поместат граници и да создадат простор за оние на кои најмногу им е потребен – името на Моника Бошковска доаѓа сосема природно. Таа се бори да ја смени реалноста и да создаде можности за лицата со интелектуална попреченост.

Веќе три години е на чело на Специјалната Олимпијада на Македонија, организација со која е поврзана многу подолго, преку континуирана поддршка и искрена посветеност. Како директорка за маркетинг во Мотоцентар, заедно со својата компанија, повеќе од 15 години стои зад оваа мисија.

Моника Бошковска во „Женски Спортски Приказни“, раскажува дека патот не е едноставен. Од првиот ден се соочува со предизвици – од недоволна транспарентност во комуникацијата со институциите, до потребата инклузијата да биде само на зборови, туку и да стане пракса.

И покрај тоа, резултатите зборуваат сами за себе – пет медали од Летната Специјална Олимпијада во Берлин 2023 (еден златен, два сребрени и два бронзени) и три од Зимската Специјална Олимпијада во Торино.

„На чело на Специјална Олимпијада сум трета година, и во мојот мандат веќе имам една Светска Специјална Олимпијада (Берлин 2023) и Зимска Специјална Олимпијада ( Торино 2025), се надевам ќе бидам и дел од тимот што ќе ја подготвува следната Светска Олимпијада во Сантјаго, Чиле – летото 2027. Пресудно за прифаќање на оваа позиција беше пред се искуството што го имав претходно со Атлетите од Специјална Олимпијада, дружбите и енергијата, како и мојата сопствена линија во карактер да помагам на оние на кои можам и им е потребно. Уште една причина за мене е да ги мотивирам моите сопствени деца на филантропија, како и моите вработени од мојата фамилијарна компанија“.

Кој беше најголемиот предизвик со кој се соочи на стартот? Која е твојата мисија и визија?

„Доаѓам од приватен сектор, и прво со што се соочив беше недоволно транспарентната комуникација со државните институции, како и меѓународните организации. Целта од почетокот на мојата улога како претседател беше организацијата да ја преструктуирам и модернизирам се со цел да можеме да влеземе во институциите на власта како и да имаме можност да аплицираме на Европски проекти кои би ни помогнале на самата организација. Мојата мисија е да ја подигнам нашата Организација на повисоко ниво и да поставам рамка за понатамошно модернизирање на организацијата се со цел на атлетите да им се олесни општесвеното живеење“.

Што би сакала најмногу да промениш?

„Има многу тоа што би сакала. Најпрво би сакала да ја зголемам свеста кај институциите за општествените бариери на оваа категорија на Атлети, од најмалата па се до најстарата возраст, да се започне со користење на инклузивност во спорт и на дела не само на хартија, да не препознаат како Меѓународна организација која преку своите Атлети ја преставуваме својата држава и носиме медали со кои нашата држава потоа треба да се гордее, промена на закони за лицата со попреченост и уште многу многу друго“.

Дали институциите доволно ги препознаваат овие спортисти и колку е тешко да се обезбедат стабилни финансиски средства?

„Начелно институциите ги препознаваат нашите Атлети, но финансиската бариера не им дозволува целосно да не поддржат, затоа најмногу и зависиме од спонзорствата на општествено одговорните приватни компании во Македонија, и во оваа прилика им се заблагодарувам за поддршката и помошта“.

Што треба да се промени и колку преку спортот има влијание за да се подигне свеста?

„Па видете спортот е нашата алатка за подигање на свеста, токму преку спортот ние сакаме да покажеме дека еднаквоста може да почне на кошаркарското или фудбалското игралиште или на базен, и од таму да продолжи во другиот дел од општесвеното живеење. Токму нас дисциплините во спортот што ги имаме ни даваат можност да покажеме колку можеме или колку можеме со инклузивни (заеднички) тимови големи успеси да постигнеме“.

Како организација ги поттикнувате атлетите да ги покажат своите потенцијали и да го пронајдат своето место во општеството?

„Преку континурани и организирани тренинзи во сите дисциплинин со кои работиме. Пред се пливање, фудбал, кошарка, багминтон, пинг понг, и танц, заеднички спортски настани, антистигма средби со компании…“.

Што ве научија овие спортисти?

„Тие се мотивација дека ние како општесвено одговорни лица и компании, како и институции треба многу повеќе да правиме за лицата со ментална попреченост“.

Кои се следните активности и планови во блиска иднина?

„На агендата наша се проекти со локални институции и компании и тековната спортска програма за 2026та, како и подготовки за Летна Олимпијада во Сантијаго, Чиле (лето 2027)“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУНГранд Ауто  и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноФФМ ги промовираше новите дресови: Симболиката што ја претставува гордоста и единството
СледноСилекс оди по изненадување, Шкендија како знае и умее мора да го освои Кратово