Кошаркарот на Мемфис Гризлис, Брендон Кларк, почина на 29-годишна возраст, објави неговата агенција „Прајорити Спортс“, а потврди и клубот. Кларк влезе во НБА во 2019 година, кога беше избран од Мемфис како 21-ви пик на драфтот. Канадскиот крилен центар ја помина целата своја професионална кариера во најсилната лига во светот во дресот на Гризлис.
Клубот брзо ја потврди лошата вест, која првично ја објавија американските медиуми.
„Скршени сме од трагичната загуба на Брендон Кларк. Брендон беше исклучителен соиграч и уште подобра личност, чие влијание врз организацијата и пошироката заедница во Мемфис нема да биде заборавено. Упатуваме најдлабоко сочувство до неговото семејство и најблиските во ова тешко време“, се вели во соопштението на клубот.
Тој одигра само два натпревари оваа сезона. Прво, го пропушти почетокот на првенството поради закрепнување од повреда на коленото, а потоа во декември заработи повреда на листот, поради што беше надвор од игра. Американските медиуми потсетуваат дека Кларк бил уапсен во Арканзас на почетокот на април, каде што бил осомничен за повеќе прекршоци, вклучувајќи поседување и трговија со контролирани супстанции, како и бегство со возило по пребрзо возење. Откако поминал еден ден во притвор, тој бил ослободен со кауција.










