Познати се шампионите во младинските категории

135
ФОТО:FFM.MK

На едно коло пред крајот на првенствата познати се и освојувачите на титулите во младинските категории.

Во Младинската Супер лига, трофејот им припаѓа на фудбалерите на АП Брера која на една рунда до крајот има 15 бода предност во однос на Вардар додека трет е Работнички со 56. Меѓу петте најдобри во оваа конкуренција се наоѓаат уште Шкендија со 55 и Македонија ЃП со 52 бода.

За супериорноста на младинците на АП Брера говори и податокот дека Струмичани во досегашните 29 кола немаат ниту еден пораз, а само еднаш играа без победник. АП Брера во досегашниот тек од сезоната постигна 158 гола додека по 110 пати мрежата на противниците ја затресоа Вардар и Шкендија.

На едно коло пред крајот лидер меѓу стрелците е Иван Шириќ од АП Брера со 39 гола, два повеќе од Албион Јашари (Шкендија) и Никола Ристевски (Вардар).

Во последното коло АП Брера го пречекува Башкими Вардар игра со Арсими, Македонија ЃП се соочува со Брегалница Штип, Работнички е домаќин на Скопје додека Шкендија за противник го има Тетекс.

Кај кадетите најдобар Вардар кој на едно коло пред крајот води со 78 бода,  12 повеќе од Работнички, а зад нив следуваат Пелистер и Македонија ЃП со 60.

Новиот шампион на 29 натпревари постигнал 116 гола додека противниците само шест пати ги совладале голманите на Вардар.

Најефикасен играч во оваа конкуренција е Антиан Емини од Македонија ЃП со 27 гола, четири повеќе од Админ Абдула од Вардар.

Во последното коло Вардар игра против Арсими, Работнички се среќава со Скопје додека Пелистер е домаќин на Струга Трим Лум.

Во пионерската Супер лига, шампионската титула ја освојува Македонија ЃП. На едно коло пред крајот екипата од Ѓорче Петров има четири бода повеќе во однос на Вардар, но и натпревар помалку што треба да се одигра на 20 мај.

На третата позиција во моментов е Шкендија со 68 бода, а следува Работнички со 60.

Фудбалерите на Македонија ЃП до овој момент постигнаа 112 гола, Вардар 121 додека најдобар стрелец е Николче Баталкоски од Вардар со 27 погодоци, два повеќе од Антонио Арсов (Брегалница Штип) и Ерион Салихи (Башкими).

И кај помладите пионери првак е тетовска Шкендија која на едно коло пред крајот има 80 бода, 14 повеќе во однос на Македонија ЃП, а трет е Вардар со 64.

И во оваа конкуренција водечките екипи се исклучително ефикасни. Помладите пионери на Шкендија постигнале 118 гола, а фудбалерите на Вардар 111.

Во оваа конкуренција убедливо најефикасен е Огнен Јаков од Вардар со 40 гола следува Ајет Реџепи со 31 и неговиот соиграч Омер Рамадани со 25.

ПретходноВикендов се одржа 14. издание на „Прв до врв“
СледноКуп финале: Силекс и Шкендија во битка за пехарот, а Струга ТЛ ќе чека добри вести за неа!