Спировски: На последните три меча покажавме како треба да играме, одиме во вистински правец

138

Стефан Спировски, еден од фудбалерите во македонскиот национален тим кој остави силен впечаток на септемвриските натпревари против Ерменија, Исланд и Романија за официјалниот веб сајт на ФФМ зборува за првичните впечатоци од соработката со новиот селектор и стручниот штаб, како и за важноста, тимот да биде над сѐ.

–  Впечатоците од нашата соработка со новиот селектор Благоја Милевски и стручниот штаб се повеќе од позитивни. Иако времето за подготовките пред септемвриските натпревари беше релативно кратко, имам само пофални зборови за почетокот на нашата соработка. Прв пат сме заедно, но веднаш се забележува неговата принципиелност во работата, како тренер, но и како човек, а тоа го потврдуваат и моите колеги кои веќе работеле со него. Мислам дека како тим ќе соработуваме добро во иднина.

Фудбалерот од средниот ред кој започнува нова клупска авантура во украински Мариупол вели дека за фудбалерите е многу значајно што селекторот воспоставува непосредна и блиска комуникација.

–  Навистина е значајно за мене, а верувам и за сите други, тоа што е отворен за сите во тимот. Доколку било кој од фудбалерите му се обрати за одредена ситуација, селекторот ќе биде тука за нас. Да нѐ ислуша и разговара. Да посочи на грешка или да искаже пофалба за одредена работа. На последните три натпревари покажавме како треба да се игра за националниот дрес. Можеби резултатски не ги оправдавме очекувањата на публиката, но ние знаеме дека сме на вистинскиот правец. Убедени сме дека резултатите ќе дојдат доколку продолжиме да работиме на овој начин.

 

 

Спировски истакнува дека подготовката за натпреварите е она што посебно ги прави задоволни фудбалерите во репрезентацијата, а се однесува на тактичката анализа за натпреварите, инструкциите кои ги добива секој фудбалер посебно и анализа на противникот до најситните детали.

–  Подготовката за натпреварите е различна. Ние знаеме дека секој тренер има свој методи на работа. Овој селектор и неговите соработници ни ги доловуваат и најситните детали. Се внимава и посветува внимание на секој сегмент од играта, од недостатоците и слабите страни на противникот, па сѐ до нашата поставеност. Секој од нас знае што треба да прави на било кој дел од теренот.

На крајот, Спировски нагласува дека единствено доколку тимот биде над сѐ имаме шанса да играме на ново големо натпреварување. Вели дека сме на вистинскиот правец.

–  Како тим имаме свои цели. Пак, ќе кажам, иако резултатски можеби не ги оправдавме очекувањата на македонските навивачи, сметам дека сме на вистински правец повторно да направиме нешто големо и Македонија да игра на големо натпреварување. Но, секако треба да сфатиме дека тимот е тој што го победува и најтешкиот и најсилниот противник. Ако сите се ставиме во функција на тимот и дишеме како едно тогаш сме на правиот пат.“, заврши Спировски. 

ПретходноЛапорта со молба до фановите на Барселона (ВИДЕО)
СледноДербито меѓу Струга Т.Л и Шкендија ќе се игра ден порано!