Денеска и официјално заврши сезоната 2025/26 во нашата елитна фудналска лига.Ова беше 34-тиот шампионат во самостојна Македонија.
Сезона во која Вардар по шест години си ја врати титулата откако ја доби битката со лутиот ривал Шкендија, и ќе игра во квалификациите во ЛШ, додека тетовци ќе играат во ЛК.
Ова за Вардар е голем успех, додека за тетовци неуспех, ако се знае дека не успеаја да дојдат до трофеј и во Купот на Македонија.
Генерално Шкендија самата си е виновна, кога требаше најмногу имаше невиден пад во формата, додека тимот на Седлоски успеа да се извлече од кризата.
И Вардар и Шкендија во новата сезона ќе влезат со нови тренери. Седлоски сега ќе има само репрезентативни обврски, додека тетовци и Јетон Беќири не ја продолжија соработката. Новиот тренер на Вардар е Аргентинецот Кристијан Фабиани, додека Шкендија допрва ќе го назначи наследникот на Беќири.
Струга ТЛ заврши како трета и вторпат по ред остана без Европа. Стружани имаа одлична есен, беа само на минус еден бод од Вардар, ама имаа лоша пролет. Силекс е четврти, но го освои Купот и затоа ќе игра во Европа.
Тиквеш имаше турбулентна сезона, ама на крај успеа да дојде до 5.место. Арсими како дебитант одличен и избори директен опстанок, додека Башкими исто и следната сезона ќе игра во ПМФЛ.
Пелистер и Брера ќе играат бараж, додека испаднаа Работнички, Македонија ЃП и Шкупи. Три скопски екипи кои заедно тежат девет шамионски титули.
Посебно разочара Работнички.
Кога сме кај Шкупи да кажеме дека чаирчани ги урнаа сите негативни рекорди.
Само еден освоен бод, без победа, со едно реми и со 32 порази со гол разлика 15:130.
Ова е најслабиот скор на некоја екипа во историјата на ПМФЛ.
На крај да кажеме дека во оваа сезона за првпат имавме ВАР, но искрено и реално не можеме да се пофалиме со којзнае каков квалитет. За посетата и да не правиме муабет.
Да се надеваме дека во новата 35-та сезона ќе биде многу, многу подобро.
КОНЕЧНА ТАБЕЛА
1.ВАРДАР 83
2.ШКЕНДИЈА 74
3.СТРУГА ТЛ 62
4.СИЛЕКС 53
5.ТИКВЕШ 48
6.АРСИМИ 46
7.БАШКИМИ 42
………………………………..
8.ПЕЛИСТЕР 40
9.БРЕРА 40
……………………………………..
10.МАКЕДОНИЈА ЃП 34
11.РАБОТНИЧКИ 33
12.ШКУПИ 1















