Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, рече дека поради „коментарите на еден од неговите колеги“, на „црвените ѓаволи“ се потешко им судат пенали.
Норвешкиот стручњак смета дека неговиот тим бил оштетен во претходните два натпревари против Вест Хем, во Премиер лигата и Лига купот.
„Можеме само да се надеваме дека ќе го добиеме она што го заслужуваме, токму против Астон Вила. Требаше да ни досудат три пенали во последните два натпревари. Но, еден менаџер почна да се грижи за бројот на пенали што ги добиваме минатата сезона, и се чини дека на судиите им паднаа тешко тие коментари, па сега се поретко се одлучуваат на вакви одлуки на нашите средби“, вели Норвежанецот.
Иако не го именуваше, јасно е дека Солскјер мислеше на Јирген Клоп, кој јавно ги критикуваше судиите минатата сезона за бројот на досудени пенали за Јунајтед.
„Јунајтед доби повеќе пенали во последните две години, отколку што ние добивме за пет и пол години“, рече тогаш Германецот.