Шпанецот на клупата на Македонија со мини-анализа: Таква е кошарката! Многу работи не можеш да контролираш!

132

Машката сениорска репрезентација на Македонија вечерва од 18:00 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје ќе го одигра вториот контролен натпревар во подготвителниот период, а противник повторно ќе биде селекцијата на Бугарија.

По првата проверка во Самоков, каде домашната селекција славеше победа, избраниците на селекторот Жозе Марија Берокал ќе имаат можност за ново мерење на силите со добро познатиот ривал, овојпат пред домашната публика.

Берокал очекува подобро издание од неговите кошаркари во однос на првиот натпревар, во кој Македонија настапи во некомплетен состав.

„Ни следува контролниот натпревар со Бугарија на кој ќе видиме кој ќе игра, како функционираме и како ќе изгледаме на теренот. На претходниот натпревар игравме со 12 играчи, бевме комплетни 20 минути против една доста добра и искусна селекција која одигра на високо ниво. Очекувам вечерва да одиграме доста подобро“, вели селекторот.

Овој циклус носи нешто повеќе време за подготовка, но и промени во составот. Од играчите кои беа на првиот собир, само дел се од претходниот состав.

„За разлика од претходниот циклус, сега имаме малку повеќе време, но не премногу. Имаме и неколку нови играчи. Од 16 кошаркари кои беа на првиот тренинг, само пет беа од ланскиот состав“, додава Берокал.

Македонскиот стручен штаб и понатаму се соочува со проблеми околу составувањето на ростерот, но селекторот нагласува дека ова е ситуација со која се соочуваат и други репрезентации.

„Таква е кошарката. Сите тимови имаат проблеми како да го формираат ростерот. Многу работи не можеш да контролираш. Нови договори, повреди, НЦАА… Секогаш постојат причини зошто многу тимови, не само ние, не можат да го состават тимот кој го посакуваат“, објаснува селекторот.

И покрај тоа што по контролата со Бугарија следуваат важните натпревари од претквалификациите за Евробаскетот 2029, Берокал инсистира на максимален фокус кон следниот предизвик.

„Фокусот е поставен на тоа како ќе играме ние. За Ирска сè уште не размислуваме, ќе почнеме на почетокот на викендот. Знаете дека имаме и нов играч. Очигледно ни треба една победа за да останеме на првото место во групата. Подобро е тоа да го реализираме на домашен терен, но прво ќе играме со Бугарија, па дури потоа ќе почнеме да размислуваме како да дојдеме до победата против Ирска“, заврши Берокал.

Македонија продолжува чекор по чекор кон целта – обезбедување место во главните квалификации за Европското првенство во 2029 година.

ПретходноЧеститки за Босна и пласманот во елиминациите, Бразил дефинитивно е еден од фаворитите
СледноСилекс го потпиша и Борјан Пановски!