Национално првенство на Македонија за сениори и сениорки 2026

22

Националното првенство на Македонија за сениори и сениорки, кое се одржа на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, донесе два дена исполнети со квалитетни резултати, неизвесни натпревари и високо ниво на натпреварување.

Според бројот на освоени медали, најуспешен клуб на првенството беше АК 7ми Мај со вкупно 22 медали (10 златни, 8 сребрени и 4 бронзени), пред АК Олимп со 17 медали (7 златни, 8 сребрени и 2 бронзени) и АК Куманово, кој исто така освои 17 медали (4 златни, 7 сребрени и 6 бронзени).

Највпечатлив индивидуален резултат оствари Јован Стојоски (АК Охрид), кој триумфираше на 200 метри со време од 21.51 секунди, а на 400 метри со пречки постави нов национален рекорд од 51.58 секунди.

Одличен настап имаше и Брајан Авиа (АК 7ми Мај), кој во скок во далечина прескокна 7.20 метри. Иако резултатот беше постигнат со недозволен ветер (+2.3 m/s) и не може да биде признат како рекорд, тој претставува едно од најдобрите остварувања на првенството. Авиа освои уште две шампионски титули – во скок во височина (1.82 м) и трискок (13.60 м).

Со по две шампионски титули се закитија Адријана Поп Арсова (АК Олимп) на 3000 и 5000 метри, Михаил Петров (АК Делта) на 100 и 400 метри, Григоријан Никовски (АК Олимп) на 1500 и 3000 метри, Муџахид Мислими (АК Ускана) на 3000 метри стиплчез и 5000 метри, Теа Алексовска (АК Куманово) во фрлање диск и фрлање кладиво, како и Лина Исени (АК 7ми Мај), која победи во скок во далечина и трискок.

Посебен момент на првенството беше настапот на машката репрезентативна штафета на Македонија на 4×400 метри, која постави нов национален рекорд од 3:15.82. Во составот на штафетата настапија Огнен Стефановски, Михаил Петров, Гилман Јунузи и Јован Стојоски, подобрувајќи го досегашниот национален рекорд за речиси пет секунди.

Националното првенство уште еднаш потврди дека македонската атлетика располага со квалитетни натпреварувачи во сите дисциплини и претставува одлична увертира за претстојните меѓународни настапи на македонските репрезентативци.

ПретходноБразил со гол во 90+5.минута ја “скрши“ Јапонија!(ВИДЕО)
СледноОфицијално: Целје се пофали со Узунчев!(ФОТО)