Одбојкарите на Штуп УГД вчера го добија првиот противник во историскиот настап во најсилното клупско натпреварување, Лигата на шампионите на ЦЕВ. Штипјани годинава имаат шанса за првпат во историјата на градот и на клубот да ја пробаат силата со најдобрите европски шампионски тимови.
Холандскиоот првак Орион Старс е ривалот на Штип УГД, а тренерот Кристиан Ристески, вели дека како за прво учество и немаа многу среќа во ждрепката.
„Генерално, немавме среќа во вчерашната ждрепка, каде за можни противници беа исто така и Младост Загреб од Хрватска, Напредак Оџак од Босна и Пафос од Кипар, екипи против кои би се носеле во оваа прва фаза, но спортот е таков и секогаш носи нови предизвици и искушенија. Ќе бидам искрен и реален, Орион Старс од Холандија е тежок противник за нас, но од друга страна во улога на аутсајдери, условно кажано, секако дека ќе бидеме растеретени и со ладни глави без притисок, ќе го чекаме двомечот против овој силен противник каде првиот натпревар ќе го одиграме помеѓу 20 и 22 октомври во Холандија и помеѓу 27 и 29 октомври во Македонија“, вели Ристески.
Штипјани следниот месец ќе ги започнат подготовките за новата сезона во која влегуваат со речиси идентичен ростер како и минатата сезона, но ќе има и некои нови засилувања, особено за овој голем предизвик во ЛШ.










