✍Марија Ковачева
Уште на самиот почеток на создавање на проектот „Женски Спортски Приказни“ најавивме дека ќе споделуваме интервјуа, приказни и теми кои ќе отвораат нови видици кај сите дами кои се дел од спортот. Бројот на Македонки кои работат надвор од нашата земја е навистина мал, но најважно е што сите се успешни.
Во современиот спорт, успехот не се гради само со физичка подготовка и тактичка дисциплина. Сè поголемо внимание добива и менталната сила, сегмент кој често ја прави разликата меѓу добрите и најдобрите. Токму во оваа област својата успешна кариера ја гради Македонката Арин Агич, која е назначена за спортски психотерапевт на унгарскиот прволигаш ТФСЕ.
Нејзината професионална приказна е спој на наука, психологија и спорт. Како гешталт психотерапевт, докторанд по социологија на спортот на Унгарскиот универзитет за спортски науки, поранешна кошаркарка и тренер, Арин повеќе од една деценија го гради својот пат во кошарката, а денес своето знаење го става во функција на менталниот развој на спортистите.
Со клубот ТФСЕ е поврзана речиси десет години. Донесе одлука да замине од Македонија, Прво да се реализира како кошаркарка, потоа како помошен тренер, а денес и како спортски психотерапевт на првиот тим. Паралелно со тоа, од 2025 година е и помошен тренер на женската репрезентација на Македонија до 18 години, уште една потврда за нејзината посветеност кон развојот на младите спортисти.
Со Арин Агич зборуваме за нејзиниот професионален пат, улогата на менталното здравје во современиот спорт, предизвиците што ги носи работата со врвни спортисти и визијата дека успехот започнува со здрав и силен ум.

🏀Твојот професионален пат е навистина специфичен: од кошаркарка, преку тренер, до спортски психотерапевт. Како се роди љубовта кон оваа професија? Како изгледаше патот од Македонија до една ваква можност во странство?
„Отсекогаш имав силна желба да им помагам на спортистите, но и на луѓето воопшто. Преку моето искуство како кошаркарка, а подоцна и како тренер, сфатив колку големо влијание има менталното здравје врз секој аспект од животот и спортот. Воедно, забележав дека токму тој дел честопати недостасува особено кај спортистите, кои секојдневно се соочуваат со голем притисок, очекувања, повреди, успеси и неуспеси. Тогаш сфатив дека сакам да го внесам и тој важен елемент во мојата работа и да им понудам поцелосна поддршка.
Од Македонија заминав пред десет години, а патот во странство се градеше постепено, чекор по чекор. Кога добив можност да работам како тренер во Унгарија, со себе ги понесов не само моето спортско искуство, туку и знаењето и едукацијата од областа на менталното здравје. Така, моите различни улоги природно се поврзаа во една целина. Денес чувствувам дека токму комбинацијата од лично искуство како спортистка, тренерска перспектива и психотерапевтска работа ми овозможува вистински да ги разберам спортистите и предизвиците со кои се соочуваат“.
🏀Колку беше предизвик да се изградиш во област која сè уште не е доволно развиена и препознаена во нашиот регион?
„Сè уште е предизвик, особено затоа што во нашиот регион оваа област тек сега се развива, а поддршката за менталното здравје во спортот сè уште не се препознава како составен дел од развојот на еден спортист. Сепак, многу ме радува отвореноста што ја забележувам кај спортистите со кои работам. Иако дел од нив претходно немале искуство со ваков тип поддршка, кај нив постои љубопитност и желба да научат нешто ново. За мене, тоа е одлична почетна точка.
Верувам дека за поголеми промени е потребно време. Но, кога спортистите ќе ги почувствуваат придобивките од оваа поддршка — не само во спортските резултати, туку и во секојдневниот живот — потребата од стручни лица за ментално здравје ќе станува сè попрепознаена. Убедена сум дека во иднина тие сè повеќе ќе бидат важен и посакуван дел од спортските тимови“.

🏀Денес сè повеќе се зборува за менталното здравје во спортот. Колку е важна улогата на спортскиот психолог/психотерапевт во еден професионален клуб?
„Според мене улогата на спортскиот психолог/психотерапевт е исто толку важна колку и улогата на секој друг член на стручниот тим што работи на развојот на спортистот. Професионалниот развој не подразбира само физичка, техничка и тактичка подготовка, тој ја вклучува и грижата за менталното здравје“.
🏀Со какви психолошки предизвици најчесто се соочуваат врвните спортисти и кој совет најчесто им го давате кога се соочуваат со притисок, повреда или серија лоши резултати?
„Врвните спортисти најчесто се соочуваат со притисокот постојано да бидат на највисоко ниво, со страв од неуспех, повреди, пад на самодовербата и неизвесност по серија лоши резултати. Оние на највисоко ниво, особено за време на големи меѓународни натпреварувања, најчесто имаат пристап до потребната стручна поддршка. Но, не смееме да ги заборавиме сите други спортисти, оние што се надвор од центарот на вниманието и често немаат исти услови и ресурси, иако се соочуваат со слични предизвици.
Во тешките периоди спортистите понекогаш се повлекуваат и се изолираат, што може дополнително да ја отежни ситуацијата. Затоа, мојот главен совет е да не поминуваат низ тоа сами и да знаат дека не се сами. Првиот и најважен чекор е да побараат помош. Поддршка може да добијат од семејството, соиграчите и стручниот штаб, а особено од професионалците за ментално здравје. Барањето помош не е знак на слабост, туку важен чекор во грижата за себе“.

🏀Дали постои разлика во работата со машки и женски екипи?
„Моето искуство во работата со машки екипи засега е ограничено, па не би сакала да правам генерализации. Сепак, од она што сум го забележала и од стручната литература, кај мажите генерално може да постои поголем отпор кон барањето психолошка помош, а понекогаш и чувство на срам. Тоа често е поврзано со општествените очекувања за тоа што значи да се биде „силен“, да не се покажува ранливост и проблемите да се решаваат самостојно.
Секако, секој спортист и секоја екипа се различни, без разлика на полот, па пристапот секогаш треба да биде приспособен на нивните индивидуални потреби. Се надевам дека во иднина ќе имам повеќе можности да работам и со машки спортисти и екипи, а со тоа и непосредно да го продлабочам моето искуство во оваа област“.
🏀Дали сметаш дека македонските клубови и федерации сè уште недоволно инвестираат во менталната подготовка на спортистите?
„Забележувам дека веќе постојат одредени проекти и поединци кои работат на темата на менталното здравје и подготовка на спортистите, што навистина ме радува. Тоа се важни чекори и покажуваат дека свеста постепено се зголемува.
Сепак, за спортистите да се навикнат на овој вид поддршка и таа да стане нормален дел од спортот, потребен е системски и континуиран пристап. Менталната подготовка не треба да биде само повремена активност или краткорочен проект, туку составен дел од структурата и секојдневното функционирање на клубовите и федерациите. Само така спортистите ќе имаат редовен пристап до поддршка и ќе ја доживуваат грижата за менталното здравје како природен и еднакво важен дел од нивниот развој“.

🏀Пред тебе е нов професионален ангажман, спортски психотерапевт во унгарскиот прволигаш ТФСЕ со кого веќе си поврзана 10 години…
„Овој ангажман за мене претставува почеток на едно ново и возбудливо поглавје, особено затоа што станува збор за клуб со кој сум поврзана веќе десет години. Со нетрпение очекувам да видам како ќе изгледа работата во толку професионална средина и на толку високо натпреварувачко ниво. Тоа е одлична можност да ги применам моето знаење и искуство, но и понатаму да учам, да се развивам и да придонесам за добросостојбата и целокупниот развој на спортистките и тимот“.
🏀Покрај обврските со ТФСЕ, ти си дел од стручниот штаб на женската репрезентација на Македонија до 18 години. Колку Ви значи можноста да работите со младите македонски кошаркарки?
„Оваа можност навистина ми значи многу. Особено ми е драго што сум дел токму од оваа генерација и што имам можност да им ја понудам оваа поддршка уште на почетокот од нивниот (професионален) спортски развој. Верувам дека е многу важно младите спортистки навреме да научат да се грижат за своето ментално здравје, да ги препознаваат сопствените потреби и да знаат дека не мора сами да се справуваат со предизвиците“.

🏀Имало ли моменти во твојата кариера кога си се сомневала во себе и што ти помогнало да продолжите понатаму?
„Апсолутно. Имало многу моменти кога сум се сомневала во себе, а такви моменти имам и денес. Разликата е во тоа што имав голема среќа да бидам опкружена со прекрасни ментори и психотерапевти, како и со поддршка од моите најблиски. Тие секогаш беа тука за мене и ми помагаа повторно да го пронајдам патот напред.
Токму моите лични сомнежи и искуството во нивното надминување се најголемиот доказ дека тоа е возможно и за другите. Тоа не значи дека сомнежите целосно исчезнуваат, туку дека учиме како подобро да се справуваме со нив и да не им дозволиме да нè спречат. Токму во тоа сакам да ги поддржувам и другите, да ја пронајдат сопствената сила и да продолжат понатаму, знаејќи дека не мора да го поминат тој пат сами“.
🏀Што би им порачала на младите девојки кои сакаат да изградат кариера во спортот, но не како спортистки, туку како тренери, психолози, психотерапевти или дел од стручните тимови?
„Би им порачала дека нивното знаење, перспектива и присуство се многу потребни во спортот. Нека веруваат во себе, нека учат, нека бараат можности и нека бидат истрајни, дури и кога патот не е јасно дефиниран. Во спортот има место за многу различни улоги, а секоја од нив може значително да придонесе за развојот и добросостојбата на спортистите.
На спортот му се потребни повеќе жени како тренери, психолози, психотерапевти и членови на стручните тимови. Нивниот придонес е важен, затоа би ги охрабрила смело да го заземат своето место и да ја градат кариерата што ја посакуваат“.

🏀Кои се твоите следни професионални цели и дали сонуваш еден ден стекнатото искуство од странство да го пренесеш во македонскиот спорт?
„Преку мојата работа со женската репрезентација се надевам дека, малку по малку, ќе можам да пренесам дел од знаењето и искуствата што ги стекнав во странство и да придонесам со нови перспективи во македонскиот спорт.
И во иднина сум отворена тоа да го правам на различни начини, преку соработка со спортисти, клубови и федерации. Работам и онлајн, токму за да останам достапна за луѓето од Македонија на кои им е потребна ваква поддршка. Мојата професионална цел е да продолжам да се развивам и истовремено да придонесувам менталното здравје да стане поприсутен, подостапен и природен дел од спортот во Македонија“.
***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***
Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.





