Кузманоски со силна порака: Оваа генерација сега треба да биде во добри раце!

428

✍️Марија Ковачева 

Македонската кадетска репрезентација го освои 9-тото место на Европското првенство кое денеска завршува во Белград. Избраниците на селекторот, Горан Кузманоски токму од главниот град на Србија испратија порака дека Македонија има светла иднина.

Денеска, нашите надежи славеа против Израел со убедливи 39-29 благодарение на фуриозната игра во второто полувреме, период во кој кадетите блескаа. Ова беше петти триумф во низа после трите порази во групната фаза каде Македонија доби тешки противници.

„Прво, честитки до играчите и до целиот стручен штаб за овој успех. Ќе се осврнам на последната, осма натпреварувачка со Израел. Пред тој натпревар имавме четири победи по ред и веќе бевме обезбедиле пласман меѓу најдобрите десет репрезентации. Можеби психолошки бевме малку истрошени, затоа што зад нас имавме голем број тешки натпревари. Но, пред натпреварот им кажав на играчите дека треба да дадеме сè од себе за да стигнеме до петта победа по ред, што навистина не е мала работа на едно Европско првенство.

Израел беше репрезентација која пријатно изненади со самиот пласман меѓу првите десет. Играат многу брз ракомет, иако физички можеби не се една од највисоките репрезентации. Токму со тој брз ракомет успеаја да победат неколку квалитетни репрезентации.

Во првото полувреме мислевме дека можеби натпреварот ќе биде полесен, но примивме 12 гола и не успеавме целосно да ја контролираме нивната транзиција. На полувремето се договоривме дека мораме да дадеме максимум и во вториот дел одигравме многу подобро во одбраната. Примивме само девет гола и успеавме да ја стопираме нивната транзиција.

На крајот постигнавме 39 гола, што доволно зборува за тоа на кое физичко ниво беа играчите и колку енергија имаа и во осмиот натпревар“, изјави за СПОРТСПОРТ селекторот, Горан Кузманоски. 

Фото: РФМ

Кузманоски е среќен што момците на подготовките пристигнале подготвени, максимално биле посветени на оваа мисија. На ЕП, нашите ракометари одиграа осум меча на високо ниво. Во Белград, Македонија завери пласман на ЕП 2028 и СП 2027 година. Но, за да продолжи овој тренд на успех, истите играчи кои играат во домашниот шампионат ќе мора да ја добијат потребната минутажа во своите клубови.

„Ако зборуваме за целото првенство, морам да ги пофалам сите играчи кои беа дел од оваа репрезентација. Сите дојдоа подготвени уште од првиот ден. Максимално работеа во подготвителниот период и тоа ни овозможи на самото Европско првенство да одиграме на високо ниво. Успеавме да оствариме пет победи, а последната со десет гола разлика, што воопшто не е лесно на едно Европско првенство.

Особено ми е драго што целото првенство го завршивме здрави. И тоа е голем плус за една репрезентација, особено кога се играат осум натпревари на високо ниво.

Успеавме да обезбедиме и пласман на Светското првенство, како и на Младинското првенство во 2028 година. Оваа генерација сега треба да биде во добри раце. Голем дел од овие играчи се во клубови како Бутел, Мулти Есенс, Еурофарм Пелистер, Куманово и други клубови каде што сигурно ќе имаат можност да играат во Суперлигата. И мислам дека дојде време овие момци да добијат поголема минутажа и шанса да играат сениорски ракомет.

Ако ги следиме Словенците, скандинавските земји, Данска, Шведска, Германија, ќе видиме дека нивните млади играчи многу рано почнуваат да играат сениорски ракомет. И нашите играчи сега се професионалци, имаат потпишано професионални договори и ќе имаат можност да играат во Суперлигата, да работат со добри тренери и да напредуваат.

Во ЕХФ неделите треба да се подготвуваме и да организираме уште посилни натпревари, затоа што мислам дека од утре треба да почнеме да размислуваме и да правиме стратегија за Светското првенство. Само така можеме да направиме уште еден чекор напред и да се обидеме да влеземе меѓу првите осум репрезентации.

Морам да напоменам и дека ние игравме во А-дивизијата. Тоа значи дека македонскиот ракомет сè уште е тука и има континуитет. Се наоѓаме блиску до најдобрите десет репрезентации во Европа. И претходните генерации, 2004 и 2006, имаа континуитет на големите натпреварувања, а сега генерацијата 2008 го продолжува тој тренд“, коментира предводникот на нашиот национален тим. 

Кузманоски се надева дека Федерацијата ќе продолжи да се грижи за оваа генерација и во иднина. Овие момци во изминатиот период забележаа голем успех од прво место на Светското првенство во училишен спорт/ Тој не заборави да им се заблагодари на сите кои беа дел од оваа приказна на Европското првенство.

„Се надевам дека, заедно со помош на Федерацијата, ќе успееме да ја негуваме оваа генерација и да им обезбедиме најдобри можни услови за развој. На самите играчи им посакувам многу успех во клубовите, да бидат уште помотивирани за понатаму и да продолжат да работат. Ова Европско првенство покажа дека се многу блиску до најсилните европски репрезентации и дека имаат квалитет да се натпреваруваат со нив.

И на крај, благодарност до Ракометната федерација за условите кои ни ги обезбеди. Но, пред сè, морам да го пофалам и целиот стручен штаб.  На чело со мојот помошник Мите Стоилов, кој искрено ми беше десна рака во текот на целото првенство. Потоа Филип Муртоколовски, координаторот на оваа репрезентација, со кого се познаваме веќе 25 години. Заедно сме играле во младинските и кадетските репрезентации, а потоа и во сениорската репрезентација, така што одлично се познаваме и имавме навистина добра енергија и одлична соработка. Мартина, нашиот физиотерапевт, беше 24/7 со играчите и се грижеше за нив во текот на целото првенство. Исто така, морам да го споменам и нашиот тренер за голмани Ице Соколески кој поради оправдани причини не можеше да биде со нас на првенството, но цело време беше во контакт и работеше со голманите. Значи, овој успех е заеднички. Од стручниот штаб, преку сите луѓе кои беа дел од организацијата, па сè до самите играчи. Сите заедно го направивме овој успех“. 

ПретходноСите стојат простум, Ислами мести костобрани
СледноПолувреме: Стружани имаа 3-4 зицери, ама Наумовски го чува Скопје!