Тетовци се рекордери: Шкендија вечерва го игра својот јубилеен 75-ти европски натпревар!

382

Вечерва од 20 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, Шкендија го пречекува Хиберниан во реваншот од 3.квалификациско коло во Лигата на Конференции. На првиот меч во Шкотска беше 2:1 за Хиберниан, што значи дека вечерва нашиот европски претставник ќе мора да победи ако сака пласман во плеј – офот во ова натпреварување каде би играл со подобриот од двомечот Гетеборг – Гент.

Инаку ова ќе биде јубилеен 75-ти европски меч за Шкендија во својата историја, што овој клуб го прави рекордер од клубовите во Македонија. Досега Вардар беше рекордер со 74 меча во Европа. Со забелешка дека во оваа бројка на Вардар се сметаат оние настапи и од времето на екс – СФРЈ, но не и настапите во некогашниот Интер-тото Куп ако се знае дека во ова натпреварување немаше ранкинг поени.

Работнички и натаму е трет со 60 настапи во Европа. Инаку Шкендија со досега 27-те победи во Европа е апсолутен рекордер од клубовите од Македонија. 

Но, има време за историја. Многу поважно е Шкендија вечерва да ги победи Хиберниан, да се пласира во следната фаза, поточно во плеј – офот и тоа по четврти пат. Интересно, тоа за Шкендија ќе биде првпат во ЛК, досега трипати играше плеј – оф во Лигата на Европа.

Кога сме кај бројките само мало потсетување. Само Шкендија од клубовите од Македонија ја има минато групната или лигашка фаза во едно европско натпреварување и имаше европска пролет. Тоа беше минатата сезона кога играше во 1/16 против турскиот Самсунспор.

ПретходноСолзи на трибините: Меси се врати на теренот пет дена по смртта на неговиот татко (ВИДЕО)
СледноЕурофарм Пелистер продолжува во победнички ритам!