ФИЛИП ДУРАНСКИ: Нашата репрезентација игра одличен фудбал, резултатите ќе дојдат!

1027

 

Паузата во квалификацискиот циклус за СП 2022 ја пречекуваме на четвртата позиција со 9 бода, зад Германија, Ерменија и Романија, но не сме без шанси за пласман на следниот мундијал. Јасно е дека во преден план се мечевите со Лихтенштајн и Германија во октомврискиот циклус, но сепак треба да се мисли и на тоа што доаѓа во ноември. А тогаш еден од решавачките мечеви за пласман во нашата група Ј, ќе биде гостувањето во Ерменија

Еден од нашите интернационалци, Филип Дурански (30) игра во ерменското првенство, тој е единствениот Македонец таму и ни ги пренесува искуствата и атмосферата:

По само еден месец поминат во фудбалскиот клуб Севан, ја добив капитенската лента што за мене беше пријатно изненадување, но ми беше предочено дека пристапот кон тренинзите и контролните мечеви си го направиле своето. Успеав да изградам статус на „работник“, што мене лично многу ми значи. Не знаев ништо за ерменската лига, имав понуда и од Словачка, но решив да сменам средина“ вели Дурански, кој има играно и за Работнички, Силекс, Скопје, Хоризонт Турново. Беше член на Серед во Словачка, а кариерата ја започна во Славија Прага.

Презадоволен сум и изненаден од Ереван кој е одличен град, клубот е во голем подем, сопственикот многу го сака фудбалот и не штеди на фудбалерите, мене лично ми се понуди за секаква помош во кое било време. Имаме ценет тренер од кипар, Памбос Христодолу, ова не е некакво маргинално првенство. На мое задоволство затоа што ќе играм квалитетен фудбал, но и за жал затоа што не сме на ова ниво, може да констатираме дека ова првенство е далеку подобро од нашето. Иако сезонава влезе од втората во првата лига, клубот Севан во моментов вреди околу 3 милиони евра и според составот на играчите, ќе се бориме за врвот на табелата во Ерменија“ продолжува Македонецот во Ерменија.

Во септемврискиот циклус, во нашата група за пласман на СП, Македонија дома одигра нерешено против Ерменија. Дурански за тој меч, но и затоа што не очекува во ноември во Еревен,има свој коментар:

Ерменците добро не познаваат и зборуваат за нас, особено по нашиот пласман на ЕП. Задоволни се од бодот што го освоија со Македонија, но со Лихтенштајн си скратија 2 бода. Иако имаат големи шанси за пласман на светското првенство, нешто слично како и кај нас тие очекуваат подобри резултати, како секоја година да се борат за пласман на големо натпреварување, што е некаква слична филозофија со нашата. За Македонија како репрезентација и за македонското првенство се зборува само во суперлативи, особено поранешните вардарови фудбалери кои се задоволни од третманот и пренесуваат само позитивни искуства, ја сакаат нашата земја и ги сакаат нашите луѓе. Со Лихтенштајн имаше 95% полн стадион и одлична атмосфера, а со нас ќе има уште пожешка“.

Повеќе од јасно е дека Дурански иако игра во Ерменија, навива за Македонија, сака победа на својата репрезентација на секој натпревар, така и и на тој ноемвриски меч во Ерменија.

Тука како да нема корона, нема никакви забрани и нема рестрикции. На реваншот исто така очекувам да биде преполн стадионот, затоа што тоа ќе биде еден од решавачките мечеви во нашата група и би требало да има голем притисок од трибините. Јас лично се надевам на победа на Македонија и пласман на следното СП. Би сакал да ги поздравам сите наши фудбалери, репрезентативци и стручниот штаб и да им пренесеме дека играат одличен фудбал, а резултатите ќе си дојдат сами по себе“ заврши Дурански.

ПретходноФенербахче ја погрешил сметката и место на Емполи уплатил 831.000 евра на салон за автомобили!
СледноЗа сите оние кои рекоа дека Шериф нема што да бара во ЛШ