И Боби Николов не игра денеска со Силекс

686

Резултатска криза, играчка криза и долга листа на фудбалери кои се надвор од стројот. Во ФК Вардар како да нема крај на проблемите кои се појавуваат секојдневно. Првакот има два првенствени порази во серија пред денешниот дуел од 17 часот со Силекс на арената во Скопје.

Репрезентативниот играч за врска Бобан Николов е последниот кој се најде на листата на повредени фудбалери. Искусниот фудбалер со денови не тренира и со сигурност нема да игра на претстојните два меча со Силекс и Тиквеш, со оглед на тоа дека го истегнал мускулот на десната нога.

Во билтенот на повредени фудбалери се наоѓа и Торес, но тој нема право на настап и поради црвениот картон добиен по дуелот со Шкендија. Она што е јасно е дека Мигел Пирес е вратен во погон, но не е комплетно фит за да го започне денешниот дуел со неговиот довчерашен клуб. Истото важи и за Немања Босанчиќ, кој има слична повреда.

Проблемите со повреди од ваков тип во Вардар настанаа по доаѓањето на аргентинскиот стратег Фабијани и неговите експерти за подготвување на екипа, со што за рекорден период стручните лица во „црвено-црните“ го уништија најсилното оружје на екипата, а тоа беше физичката подготвеност.

Дарко Велковски си замина во Бахреин, Герсон Родригес е суспендиран по скандалот пред дуелот со Струга Трим Љум, а само Јанкулов од сите кои имаа проблеми се врати во полна пареа.

Па, на неколку часа пред дербито со Силекс, Вардар има два сигурни стопери, и тоа Матиќ и Најдовски, со Мишковски како единствена алтернатива на клупата. Во средниот ред сигурни се Бабунски, Тодоровски и Кастањеда, а Закариќ е тој кој повторно треба да спасува, како на дуелот со Брегалница.

Омерагиќ е во шпицот, а Данев е во опција затоа што беше повлечен од списокот на фудбалери кои требаше да патуваат на Медитеранските игри со репрезентацијата до 20 години.

Што кога ќе дојде времето за замени и по 60. минута, по која Вардар на минатите средби со Шкендија и Струга се „распаѓаше“, а воедно клупата е тенка?!

ПретходноАвгуст или кој било друг месец во Битола не менува ништо: „Боро Чурлевски“ повторно „крцаше“
СледноМногу промени на АТП листата – Ѓоковиќ на своето и покрај фијаското