Мароко притиска финалето на Мундијалот во 2030 година да се игра во Казабланка

31

Мароко отворено ја истакна амбицијата да го добие финалето на Светското првенство во 2030 година, а за најголемиот натпревар на Мундијалот ја нуди спектакуларната нова арена „Хасан II“ во близина на Казабланка.

Претседателот на Кралската мароканска фудбалска федерација, Фузи Лекја, изјави дека финалето ќе се игра во провинцијата Бенслиман, каде што се гради новиот стадион „Хасан II“. Објектот се наоѓа на околу 60 километри од Казабланка и е планиран со капацитет од неверојатни 115.000 гледачи, што би го направило најголемиот стадион во светот наменет исклучиво за фудбал.

Сепак, изјавата на Лекја не значи дека одлуката е донесена. ФИФА сè уште официјално не го одредила домаќинот на финалето, а за престижниот меч се натпреваруваат Мароко и Шпанија. Претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Рафаел Лусан, претходно изјави дека очекува финалето да се игра во Шпанија.

Во август, ФИФА дури ги демантираше информациите дека претседателот Џани Инфантино наводно веќе му го ветил финалето на Мароко, оценувајќи ги таквите медиумски наводи како неточни и погрешно претставени.

Светското првенство во 2030 година ќе биде историско и по форматот. Главните домаќини ќе бидат Мароко, Шпанија и Португалија, додека првите три натпревари ќе се одиграат во Аргентина, Уругвај и Парагвај, со што Мундијалот ќе се одржи на три континенти.

Мароканците сега сакаат кулминацијата на турнирот да биде токму кај нив – во новиот „Хасан II“, стадион кој, доколку биде завршен според планот, би можел да стане една од најимпресивните фудбалски арени во светот.

ПретходноУкраинците загубија сет од Израел, Полска моќно ја почна одбраната на титулата
СледноДе ла Фуенте: „Златната топка“ треба да ја добие Шпанец