Шампионски предизвик: Македонија денеска против одбојкарскиот див – Полска

43

Македонската одбојкарска репрезентација денеска го очекува најтешкиот предизвик во групната фаза на Европското првенство – дуел против актуелниот европски шампион Полска. Натпреварот во „Арена 8888“ во Софија започнува во 18:00 часот по македонско време.

Полска во првите две кола демонстрираше зошто е еден од главните фаворити за златото. Избраниците на Никола Грбиќ прво ја совладаа Португалија со 3:0, а потоа и Израел со 3:0. По две кола имаат максимални 6 бода и сет-разлика 6:0.

Македонија, пак, во првите два натпревари претрпе два порази со 0:3. На стартот од нас подобра беше Бугарија со 25:17, 25:19 и 25:18, а потоа Украина славеше со 25:22, 25:22 и 25:10. Особено интересен е фактот што Македонија во првите два сета против Украина беше конкурентна, но во третиот сет освои само 10 поени.

Ова ќе биде второ соочување на Македонија и Полска на европските првенства. Последниот дуел се одигра во 2023 година во Скопје, кога Полска славеше убедливо со 3:0 (25:12, 25:21, 25:14). Полјаците имаат и две победи над Македонија со 3:0 во квалификациите за ЕП 2015, но Македонија има и две победи против полската Б-репрезентација во Европската лига во 2015 година – со 3:2 и 3:1.

Интересно е што Полска на овој турнир ја брани титулата освоена во 2023 година. Тогаш во финалето ја совлада Италија, а сега покрај одбраната на европскиот трон, шампионатот има и дополнителна тежина – европскиот првак ќе обезбеди пласман на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028.

За Македонија, ова е шанса да одигра против една од најдобрите репрезентации во светот без голем резултатски притисок. Секој освоен сет, а особено победен сет против Полска, би бил значаен успех, додека борбеноста и играта до последниот поен ќе бидат главниот предизвик за составот на Јошко Миленкоски. Нашие одбојкари денешниот дуел треба да го искористат како „генералка“ пред клучните натпревари со Португалија и Израел.

ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: 

  • 14:00 – Естонија – Данска
  • 15:00 – Португалија – Израел
  • 16:00 – Словенија – Шведска
  • 16:00 – Швајцарија – Турција
  • 17:00 – Финска – Србија
  • 18:00 – Македонија – Полска
  • 19:00 – Летонија – Франција
  • 21:05 – Италија – Словачка
ПретходноТрпевски даде гол од 40 метри, Србија во офанзива да игра за нив (ВИДЕО)
СледноПромоција: Србинот Гордиќ во нападот на Скопје!(ФОТО)